Холандија е одговорна за смртта на 300 муслимани убиени од страна на српските сили во Сребреница во 1995 година, соопшти денеска Граѓанскиот суд во Хаг.
Судот пресуди во корист на тужителите, роднини на некои од жртвите во масакрот во Сребреница, во кој српските сили убија над 8.000 Бошњаци.
Сребреница во 1995 година беше под заштита на холандските миротворци, кои без борба го предадоа градот на српските сили под команда на генерал Ратко Младиќ. Тој во моментот е во Хаг каде му се суди за воени злосторства.
Здружението „Мајките од Сребреница“ пред седум години поднесе тужба против Холандија од името на 8.000 жители на Сребреница, убиени при заземањето на енклавата.
Ако пресудата стапи во сила се очекува судот да и нареди на државата Холандија да плати обештетување на семејствата на жртвите.
Извор: Нет Прес