Министерството за труд и социјална политика, Диме Спасов и в.д директорот на АД Македонски пошти, Гоце Боболински денеска на конференција за медиумите информираа за отпочнувањето на новиот проект „Подари книга”.
Спасов на почетокот потенцираше дека е потребно вклучување на што повеќе институции и граѓани и воспоставување на меѓусебна соработка со цел да се даде заедничка помош и поддршка на оние на кои што им е најпотребна.
„На мое големо задоволство денеска го најавувам почетокот на акцијата „ПОДАРИ КНИГА“, проект кој е наменет за граѓаните во социјален ризик и за лица со ниски примања. Основната идеја на проектот е секој оној којшто има можност да подари книга, истата да ја достави во некој од филијалите на Македонска пошта, Центрите за социјална работа или во детските градинки. Книгите коишто ќе ги донираат граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние коишто не можат да си дозволат нова книга”, рече Спасов.
Целосен список на донираните книгите кој редовно ќе се ажурира, ќе се објави на веб страната на Министерството за труд и социјална политика. Тој список ќе биде достапен на сите заинтересирани граѓани коишто се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а коишто имаат потреба од одреден наслов. Овие лица ќе можат да се пријават како баратели на книги во триесетте Центри за социјална работа. Задолжени лица во министерството по претходно добиени податоци од Центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа, Македонска пошта ќе врши бесплатна достава на книгата до барателот. Оваа услуга ќе се врши по принципот „КОЈ ПРВ ЌЕ СЕ ЈАВИ, ТОЈ ПРВ ЌЕ БИДЕ УСЛУЖЕН”.
„Oвој проект претставува своевидно надградување на проектот “Се грижиме за топол дом” кој и понатаму продолжува да се реализира и преку кој досега сите заедно им помогнавме на повеќе од 1.600 семејства на кои им беше потребна помош и им помогнавме со донации од мебел, бела техника и друга куќна опрема. Исто така ќе продолжиме и со слични проекти за донирање на облека и детски играчки бидејки хуманоста нема едноставна дефиниција. Таа треба да е присутна во сите облици и да ја поттикнуваме и да ја применуваме секогаш и секаде каде што можеме”, посочи Спасов.
На крајот тој ги повика сите граѓани, но и правни лица, да го збогатат овој проект со тоа што ќе земат учевство во него.
Министерот Спасов и в.д директорот Боболински во однос на спроведувањето на овој проект потпишаа Договор за соработка.