Ексклузивниот гудачки квартет „MozART group”, кои синоќа на Охридско лето настапија во рамките на Полската вечер на фестивалот, приредија незаборавна вечер со уникатна изведба, мешавина од музика, театар и движење, надополнета со хумор. Со музика од класичниот репертоар но на сосема поинаков начин, ја кренаа на нозе публиката во предворјето на црквата „Света Софија“.
По нивниот прв настап во Македонија ветија дека повторно ќе се вратат .
„Впечатокот е импресивен, просторот публиката која беше полна со енергија. Во Македонија дефинитивно повторно ќе се вратиме. За прв пат имавме четири овации и навистина е многу импресивно тоа што ни се случи“, изјавија челеновите на гудачки квартет.
Публиката со долги аплаузи и стоечки овации дури четири пати ги врати уметниците на сцена. Според нив нивната изведба е еден од најубавите концерти на фестивалската сцена.
„Ова беше еден невиден концерт еден прекрасен перформанс, настан кој долго ќе се памети на Охридско лето. Ова се инзворедни музичари, покажаа еден суптилен хумор на сцена. Тоа се комплетни шоумени кои што знаат и да свират а истовремено знаат да ја забавуваат публиката. Воодушевена беше публиката исто и јас“, вели Јосиф Тодоровски кој секоја година од Лондон доаѓа специјално за фестивалот Охридско лето.
Концертот насловен „Моцарт е се уште жив“, е во соработка со Полската амбасада и почесниот конзулат на Р Полска со седиште во Охрид, со кои Фестивалот има одлична соработка.
„На Охридско лето годинава, во рамките на Полската вечер, ја имаше групата Моцарт која направи една феноменална претстава која што сигурно ќе остане во сеќавање на присутните а и пошироко. Минатата година го имавме најстариот жив диригент на денешницата, г Пендерецки и се надеваме дека оваа успешна соработка и понатаму ќе продолжи,“ изјави Коста Костовски, почесен конзул на Р Полска во Република Македонија со седиште во Охрид.
„MozART group”досега имаат одржано повеќе од 3000 концерти на четири континенти во светот. Нивната богата концертна активност и по речиси 20 години продолжува со истиот интензитет. Само овој месец квартетот гостува во четири Европски земји (вклучувајќи ја и Македонија), а веќе следниот заминува на турнеја во Америка, Азија и Европа.