Три претстави во едно имаше можност да види синоќа публиката на фестивалот „Охридско лето“ на кој беше прикажана „Аферата на Елсинор“ во изведба на Македонскиот народен театар.
Хамлет од безвременскиот Шекспир уште еднаш се играше на овој фестивал, но годинава од една поинаква перспектива, погледнат низ призмата на истакнатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски којшто го напиша и сценариото за оваа претстава.
Рашомонијадата на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше направена според изјавите на данскиот крал Клаудиј, кралицата Гертруда и сведочењето на Офелија.
Текстот на претставата беше еден вид дијалог со Шекспир во вид на анализа. „Аферата Елсинор“ донесе нов обид за еден вид форензичка анализа ,за тоа кој и зошто загинал во дворот на Елсинор каде што се одигрува дејството.
Публиката близу два часа уживаше во духовитоста, го гледаше и чувствуваше цинизмот, а уживаше и во прекрасната изведба од страна на актерите на МНТ.