Семејствата на загинатите патници од соборениот малезиски авион ќе добијат првична помош од по 5.000 долари од авиокомпанијата.
Компанијата напоменува дека оваа парична помош нема никаква врска со надоместот за отштета што ќе им го исплати подоцна, ниту пак со правото на семејствата да покренат тужба.
„Малезија ерлајнс“ исто така соопшти дека на семејствата ќе им се обезбеди превоз, храна, хотелско сместување и помош при транспортот на телата на загинатите.
Авионот на малезиската компанија се урна во четвртокот над источна Украина, на пат од Амстердам кон Куала Лумпур, при што загинаа сите 283 патници и 15 членови на екипажот. Се верува дека авионот бил соборен со проектил.
Ова е веќе втора несреќа на авион од истата компанија оваа година. Во првата, на 8 март исчезна авион на пат од Куала Лумпура кон Пекинг со 239 патници и членови на екипажот. Леталото се уште не е пронајдено.
Извор: Нет Прес