Летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести, кои се пренесуваат преку храна и затоа е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација. Предизвикувачи на овие заболувања се микроорганизми, кои во соодветни услови (зголемена температура или несоодветно чување) се размножуваат или излачуваат токсини во храната. Со цел спречување на појава од заразни заболувања, кои се пренесуваат преку храна, ја информираме јавноста за почитување на следните превентивни мерки за заштита на здравјето:
• Темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната.
• Храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.
• Да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.
• Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна.
• Не оставајте подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, односно подготвената храна ставете ја во фрижидер веднаш по користењето, каде препорачливо е да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш.
• Свежиот зеленчук, овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење.
• Во летен период избегнувајте лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца.
• Да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сте сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.
ПРЕПОРАКИ ЗА РИЗИЧНА ГРУПА ЛИЦА
• Кај бремените жени, лица со хронични болести, лица со намален имунитет, лица над 65 години и мали деца, потребно е поголемо внимание при консумација на храна во летниот период. Освен почитувањето на општите превентивни мерки, наменети за целото население, овие лица треба да ги почитуваат и следните препораки за заштита на здравјето:
• Да избегнуваат користење непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења, намази и сл.
• Да се избегнува консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи
• Да се избегнува користење на претходно подготвени овошни и салати од зеленчук (термички необработени)
• Да се избегнува консумирање сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или недоволно термички обработени јајца.
• За овие лица се препорачува користење на свежо приготвена храна во домашни услови.
Извор: Нет Прес