Во рамки на програмата на Охридско Лето 2014, на 1. август на сцената на „Антички Театар“ во Охрид гостува „ВОКА ПИПЛ“ (The VOCA PEOPLE) – сензационалниот перформанс на музичката комедија која комбинира восхитувачки и неверојатни вокални звуци. За прв пат во Македонија, пред публиката на Охридско Лето, „ВОКА ПИПЛ“ ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство кое ја спојува музичката брилијантност со многу хумор.
„ВОКА ПИПЛ“ ансамблот кој потекнува од Израел претставува нов феноменален интернационален вокално-театарски перформанс кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и „а капела“ пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел оркестар – тапани, труби, гитари и други инструменти и музички ефекти. Сето ова „ВОКА ПИПЛ“ го прават без употреба на било кој музички инструмент на сцената, настапувајќи при тоа со хумористичен перформанс, анимирајќи ја и самата публика.
„ВОКА ПИПЛ“ на сцената презентираат нови музички аранжмани и нивна уникатна примена користејќи повеќе од 70 најпознати хитови, песни и мелодии на сите времиња. Нивното шоу освои огромен успех за многу краток период. За само 3 години тие имаа повеќе од 50 милиони прегледувања на „Јутјуб“ и распродадоа повеќе турнеи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Далечниот Исток. Шоуто привлече повеќе од милион посетители низ светот и цела година беше дел од „Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк.
Имено, во 2012 година „ВОКА ПИПЛ“ ја освоија наградата „Лосил Лортел“ (Locile Lortel award) за „Извонредно алтернативно доживување“ која ја доделува „Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк, САД. Година дена претходно тие беа номинирани и за француската „Глоб де Кристал“ (Globes de Cristal) награда, во категоријата за „Најдобра музичка комедија на годината“.
„Вока Пипл“ за себе велат дека се вонземјани кои потекнуваат од далечната планета „Вока“ на која главниот начин на комуникација не е говорот, туку пеењето, звуците и вокалната експресија. Нивното мото е „Животот е музика и музиката е живот“. Со впечатлив изглед во комплетно бели костуми, со исклучок на нивните црвени усну, тие патуваат низ вселената во нивниот вселенски брод кој е придвижуван единствено од моќта на музиката и не случајно пристигнуваат на планетата Земја која има огромен музички репертоар. Зад себе имаат бројни настапи ширум светот кои се препознатливи и по тоа што ја вклучуваат и самата публика во нивните изведби и додаваат или менуваат ритми во зависност од тоа во која земја настапуваат. „Вока Пипл“ се состои од 8 талентирани „музичари-вонземјани“; 3 вокали кои ги презентираат најдобрите женски звуци (алт, мецо сопран, сопран) и 3 машки вокали (бас, баритон, тенор). Дополнително, со нив се и двајца битбокс вонземјани со кои заедно создаваат перформанс од чудесни и несекојдневни звуци.
Покрај „Вока Пипл“ во рамки на Охридско Лето 2014 најавен е и коцертот на најпродаваниот светски кросовер пијанист, маестралниот МАКСИМ МРВИЦА. Неговиот концерт ќе се одржи на 26. јули 2014, во „Антички театар“ во Охрид.
ВЛЕЗНИЦИТЕ СЕ ВЕЌЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА
Влезниците за овој концерт се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс, по цена од 600, 800 и 1.000 денари, во зависност од распоредот на седење.
Продажни места:
Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, МПМ ПРЕСС, Гоги Драчево, Универзална Сала.
Низ Македонија: Билетарата на Охридско Лето – Охрид, Тобако – Охрид, Алпине Спорт – Тетово.
Онлајн на www.mktickets.mk .