Дел од настаните на годинешново издание на програмата на фестивалот „Охридско лето“ ќе бидат пренесувани во живо. Сите љубители на музичката уметност, кои нема да се во можност да присуствуваат во акустичната црква Света Софија , ќе може да уживаат преку преносот на интернет.
Утрешниот концерт со наслов „Од творечкиот опус на композиторот Томислав Зографски (1934-2000) – кон 80 години од раѓањето“ како и концертот ден потоа на оркестарот на Музичката младина на Македонија кој исто така е во црквата Света Софија во стандардниот термин од 21 часот ќе може да се следат во живо на web страната на Охридско лето, www.ohridskoleto.com.mk како и на веб порталот www.idividi.com.mk .Видео преносот од Света Софија ќе започне од 20 часот, час пред започнување на концертот.
Лајв Стримингот ќе може да се следи и преку најавените линкови на Фејсбук како и на web порталите на нашите медиумски спонзори.
„Лајв стримингот е новина која се практикува на сите светски фестивали . Охридско лето од, во соработка со генералниот спонзор Т-home, ја воведе ваквата практика на web продукција со цел Фестивалот да се доближи до најсовремените технолошки и ИТ достигнувања“, вели маркетинг и ИТ менаџерот на Охридско лето , Илија Куртески.
Инаку ваков начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, Охридско лето , во соработка со T-home, генералниот спонзор на Фестивалот, го најави како новина која постојано ќе се осовременува но и ќе опфати поголем број на настани.
„Следејќи ги современите текови на светските фестивали, преносите во живо, на повеќе настани од уметничката програма во текот на едно фестивалско издание станаа традиција. Веќе трета година , на задоволство на нашата публика, успешно го спроведуваме ваквиот начин на пренос. Она што посебно не радува е реакцијата на љубителите на класичната музика кои од било какви причини не се во можност да бидат во преубавата црква. Благодарни се што ете на еден ваков начин им ја доближуваме уметноста им овозможуваме да уживаат во звуците на класичната музика“, вели директорката на фестивалот, Елизабета Јанкуловска.