Фондот за здравствено осигурување на Македонија сака да ја информира Јавноста дека од 01.08.2014 воведува две новини. Првата новина е исполнување на еден од проектите кои Фондот ги има согласно новата Владина програма, а тоа е автоматско здравствено осигурување за вработените и нивните фамилии без пријава во Фондот.
Имено станува збор за олеснување на постапката при стапување во здравствено осигурување за лицата кои се вработуваат и променуваат работни места со автоматско стапување во здравствено осигурување кое е овозможено преку електронско поврзување со системот на АВРМ во реално време (М1/М2). Ако досега фирмите требаше да ги пријавуваат овие лица преку шалтерите или преку веб порталот на Фондот, од 01.08 овие лица автоматски ќе добиваат здравствено осигурување. Ова е новина и олеснување за сите фирми (околу 60.000)
кои месечно во Фондот доставуваат околу 30.000 промени (за вработени и членови на фамилии). По пластично претставено, ова значи дека ако едно лице се вработи или пак го промени работното место, тоа лице и неговите членови на семејството автоматски ќе добијат здравствено осигурување без пријавување во Фондот и без ризик од прекин на континуитетот во здравственото осигурување поради неажурност на фирмата.
Согласно последните законски измени во Законот за здравствено осигурување, за секоја М1 пријава во редовен работен однос пристигната од АВРМ, ФЗОМ автоматски спроведува и пријава во здравствено осигурување. Притоа членовите на семејства на вработените од претходната пријава во здравствено осигурување автоматски се пријавуваат како членови на семејства во новата пријава. Со ова доколку носителот има континуитет во пријавите во здравствено осигурување автоматски се обезбедува континуитет во здравствено осигурување и за членовите на семејства, што е предуслов за користење на некои од правата за здравствено осигурување.
Со имплементирање на оваа законска промена, овластените лица на фирмите на веб порталот на ФЗОМ во иднина ќе продолжат да ги спроведуваат само пријавите во здравствено осигурување на новите членови и одјавите.