Општинскиот Инспекторат заклучно со 7-ми август спровел 70 контроли на угостителските објекти при што се направени записници и казнети се точно 30 објекти со глоби од по 800 евра, заради нарушување на дозволената граница на бучавост.
Како што информираат од Инспекторатот и покрај големите контроли и изречените глоби од по 800 евра, некои угостителски објекти продолжувале со неконтролирано пуштање гласна музика и имало случај кога еден угостителски објект е казнет дури 5 пати со по 800 евра глоба.
„Иако се бараше начин да се дојде до некое решение кое ќе го почитуваат угостителите, поголемиот дел од нив си продолжија по стари па им се насобраа казни и од по неколку илјади евра.“ – информираат од Инспекторатот.
Од таму велат дека викендов ќе продолжат со акциите и дека ќе ги проверуваат сите објекти, а неселективно како и до сега ќе се изрекуваат глоби за секој без разлика на тоа кој е, што е, а најмалку дали е приврзаник на некој партија, како на пример на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Ист аршин за сите! Нема да се толерира никој и сите ќе се исти пред законот. Има решение никој да не добива казни, а тоа е да се почитува законот и тогаш нема да има никој проблеми, а додека некој го крши законот и прописите и си мисли дека ќе помине неказнет заради некаква припадност, тој е во заблуда која ќе го чини многу пари бидејќи пред Инспекторатот сите се исти.“ – велат од Локалната самоуправа.
Од инспекторатот најавуваат дека следни мерки кои ќе се преземат се затворање на некој објекти, а ако сосптвениците противправно повторно ги отворат објектите, законска следна мерка е исклучување на овие објекти од мрежата за напојување со електрична енергија и изрекување на казна од 7000 евра.
„Ако не ги стивнат казните од по 800 евра, ќе мора да стивнат со музиката кога ќе им се исклучи струјата, па нема да може да работат“. – информираат од Инспекторатот.