Француска вечер на Охридско лето

Со концерт на пијанисти од Франција Уго Леклер и Елен Котино-Коен, вечерва, на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржи Француска вечер која по традиција се реализира во соработка со Охридска банка Societe Generale Group и Францускиот институт во Скопје.

„Француска вечер е традиционална на фестивалот „Охридско лето“. Повеќе години фестивалот соработува со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, и Сосиете Женерал Груп – Охридска Банка со чијашто поддршка на „Охридско Лето“ веќе седум години се реализира Француска вечер во рамките на фестивалот кога гостуваат познати француски уметници и ансамбли. Сеуште е во сеќавањето на фестивалската публика настапот на Ришар Галиано со Њу Тангариа Квартет од минатата година. Овој понеделник повторно ќе го слушнеме звукот на пијаното, односно на ансамблот на двајца исклучителни француски музичари Уго Леклер и Елен Котино-Коен со делата за четирирачно пијано. Слушателите таа вечер ќе уживаат во неколку најзначајни дела во историјата на уметничката музика меѓу кои – „Посветувањето на пролетта“ од Игор Стравински. Публиката ќе има ретка можност оваа грандиозна композиција да ја чуе во верзијата за четверорачно пијано “ – вели селекторот на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

И двајцата пијанисти изградиле многу успешна кариера, настапувајќи во повеќе земји во светот. Уго Леклер одржал концерти во некои од најпрестижните сали во Европа, Америка и Азија, а соработувал и со голем број реномирани оркестри и диригенти. Покрај тоа, Леклер како голем поддржувач на современата музика, често соработува и со голем број композитори во текот на создавањето на нивните дела. Сепак, современата музика не е единственото поле на интерес на овој пијанист. Тој е истовремено и голем почитувач на Моцарт, Бетовен и Хајдн, па затоа започнал да го истражува звукот на класичните инструменти. Поседува инструмент „Стеин“ кој идеално одговара на делата што се пишувале во доцниот осумнаесетти век. Леклер, речиси, 20 години работи како уметнички директор на Интернационалниот фестивал „Нансифони“ (Nancyphonies).

francuska2

Ова е мој втор престој во Македонија. Навистина ми е посебна чест да дојдам тука и да ја презентирам оваа француско руска програма знаејќи притоа дека делото на Стравински „Посветување на пролетта“ беше создадено во Париз 1913 година. Во рамките на оваа програма презентираме едно посебно дело на Клод Дебиси, дело што Дебиси го има искомпонирано во својата младост на 18 години,“ рече на денешната пресконференција Леклер подржувач на современата музика .

Францускиот институт е поддржувач на вистинските вредности кои се од интерес на целата заедница. Секое фестивалско издание, Француската вечер претставува посебно интересен настан, секогаш со учество на врвни уметнички имиња. Ваквата соработка треба да продолжи и во иднина, смета Бранко Чобанов, Аташе за култура при Францускиот институт.

Елен Котино-Коен се школувала во Франција и Белгија. Редовен гостин е на голем број значајни фестивали (фестивалот „Челзи“ во Њујорк, фестивалот „Нансифони“ и др.). Покрај пијанистичката дејност, Котино-Коен е значајна и како композитор. Имено, во 2013 година таа за прв пат го изведува своето дело „Ирбис“ на фестивалот „Нансифони“.

На програмата оваа вечер се дела од француските композитори Клод Дебиси и Франсис Пуланк, како и едно од најзначајните дела во историјата на музиката „Посветување на пролетта“ на рускиот композитор Игор Стравински. Концертот е во црквата „Света Софија“, а неговиот почеток е во 21 часот.

francuska4