Информации во врска со семејното насилство во првото полугодие од 2014 година

И Н Ф О Р М А Ц И Ј А
за состојбите и преземените активности во врска со семејното насилство во првото полугодие од 2014 година

I Заклучоци

Пораст на кривичните дела сторени при семејно насилство за 16,1%, како и на поплаките за семејно насилство за 3,4%;
Значително намалување на прекршоците извршени помеѓу членови на семејство за 46,2%, како резултат на се соодветното третирање на семејното насилство од страна на полицијата, односно кривично санкционирање на оваа појава;
Стапката на семејното насилство е највисока на подрачје на СВР Битола и СВР Штип, а најниска на подрачје на СВР Тетово и СВР Скопје;
Намалување на сите три параметри (кривични дела, прекршоци и поплаки) на подрачје на СВР Охрид и СВР Куманово.

II Констатирани состојби во областа на семејното насилство

Во првото полугодие, на подрачјето на РМакедонија се регистрирани 389 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува зголемување од 16,1% во однос на истиот период минатата година кога беа регистрирани 335 кривични дела. За разлика од кривичните дела, прекршоците ова полугодие бележат големо намалување од 46,2%, односно регистрирани се 152(283) прекршоци, извршени помеѓу членови на потесното семејство.
Минимално зголемување од 3,4% бележиме кај поплаките поднесени од лица против членови на нивните семејства, така што нивниот број ова полугодие изнесува 2.120(2.050)1.

Анализирајќи ги состојбите по сектори, можеме да заклучиме дека зголемувањето е резултат на порастот на кривичните дела кое е најевидентно во СВР Тетово за 93%, потоа СВР Штип за 50% и СВР Скопје за 24,4%, додека на останатите сектори не се регистрирани поголеми разлики. Зголемувањето на кривични дела се должи на порастот на делата „телесна повреда“ за 25,6%.

Забележителното намалување на прекршоците извршени помеѓу членови на семејството, се должи на се поадекватното третирање на семејното насилство, односно полициските службеници построго го санкционираат семејното насилство. Од прекршоците, повеќе од половина се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, на останатите подрачја се регистрирани од два до 28 прекршоци, додека во СВР Битола не е регистриран ниту еден прекршок.

Пораст на кривичните дела и прекршоците е забележан на подрачје на СВР Штип, а поплаките се на исто ниво како и лани, додека на подрачје на СВР Куманово и СВР Охрид се намалени трите параметри по кој се постапува при семејно насилство.

III Регистрирани кривични дела, прекршоци и поплаки
а) кривични дела
Во анализираниот период се извршени 389 кривични дела од кои најголем број се 67% се телесни повреди и 30% се загрозување на сигурноста. Останатите кривични дела се: по две убиства и противправни лишувања од слобода и по четири тешки телесни повреди и присилби. Како сторители на кривични дела, во 93% од случаите се јавуваат лица од машки пол, а поделбата според роднинските врски се гледа од долниот графикон:

Според начинот, најголемиот дел или 80% од делата се извршени со употреба на физичка сила или закана:

Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство.

Најголема стапка на семејно насилство според бројот на жителите, е забележана на подрачје на СВР Битола, најмала е стапката на подрачје на СВР Скопје и СВР Тетово:

б) регистрирани прекршоци

Што се однесува до прекршоците, најголемиот дел се сторени на подрачјето на СВР Скопје-56,5%, додека на подрачјето на останатите сектори, учеството е од 2% на подрачје на СВР Охрид па до 19% на подрачје на СВР Штип. Во СВР Битола не е регистриран ниту еден прекршок:

Во однос на прекршоците сторени помеѓу членови на семејство, намалувањето се должи на прекршокот „малтретирање на друг во стан„ кој е драстичното намалување за 41,5%, но намалени се и останатите прекршоци.

Овие прекршоци, во 94% од случаите ги извршиле лица од машки пол и тоа најчесто сопрузи и синови (исто како и кај кривичните дела), во 26 случаи сторителите биле под дејство на алкохол, во 19 при психичко растројство и во еден случај при уживање(оддавање) на дрога, при што сторителите најчесто физички или вербално ги напаѓале своите најблиски.

в) поднесени поплаки

Како што констатиравме погоре во текстот, бројот на поднесените поплаки е назначително зголемен за 3,4%, а најголем број се регистрирани на подрачје на СВР Скопје:

Притоа, најголем број од поплаките е поради психичко малтретирање на жртвата-1.641, потоа 388 се заради физичко малтретирање и 91 поплака е поднесена поради тоа што сторителот ја малтретирал жртвата од економски побуди.