ЈП „Билјанини Извори“ во соработка со Општина Охрид како покровител на настанот на 25 и 26 август на градскиот базен “Атина Бојаџи” како дел од проектот на Општина Охрид, „Спортско лето“, ќе организираат уште еден спортско рекреативен настан, настан кој веќе деценија и пол е подзаборавен од охриѓани, а придонесувал многу за спортско – рекреативниот живот на сите граѓани на Охрид, додека за гостите во Охрид претставувал можност за добра забава за време на летната сезона.
„Станува збор за спортско забавниот настан “Водени лудории”, настан за кој веќе подолго време се подготвуваме, настан кој ќе постане традиција, со цел од година во година да прерасне во меѓународен кој ќе биде во интерес на промоција на градот Охрид и збогатување на нејзината спортско рекреативна понуда“ – изјави директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.
ЈП Билјанини Извори и Општина Охрид ги покануваат сите заинтересирани граѓани за учество на “ Водените лудории “ да се пријават и да постанат дел од старо новата традиција, да бидат дел од забавата, рекреацијата и спортот. За првопласираните организаторот и покровителот обезбедија многу вредни парични награди, медаљи и дипломи.