Министерството за финансии го објави јавниот повик за еднократен отпис на долгови на најранливите категории, а од понеделник граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата во Центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење.
„Со ова практично започна реализацијата на проектот за еднократно отпишување на долговите на најранливите категории на граѓани. Со неговата реализација Владата значително ќе им помоогне на најранливите категории на граѓани кои поради влошените финансиски услови и последиците од долготрајната европска и светска криза не можеле да ги платат обврските навреме. На ваков начин се реализира едно од најзначајните ветувања и најзначајните проекти во програмата на Владата за периодот 2014/2018 година кон граѓаните односно кон најранливите категории“, истакна на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Барањата за отпис на долговите граѓаните ќе ги поднесуваат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии, а за прифаќање на барањето ќе одлучува посебна комисија.
Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите, појасни Ставрески, треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
Вицепремиерот појасни дека со оваа мерка се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.
„Практично од понеделник граѓаните треба да се упатат во центрите за социјална работа во нивното место на живеење или ако нема таков во најблиското место до нивното и таму ќе пополнат барање на еден посебен формулар кој што е изготвен. Постапката е едноставна, граѓанинот треба да пополни основни податоци, име и презиме за себе и за брачниот другар и да пополни во формуларот каков вид долг има. Граѓанинот со себе треба да носи лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мера да одат по шалтери да гја обезбедат потребната документација,“ истакна вицепремиерот Ставрески.
Овој јавен повик, рече, следи по доставувањето на писмените изјави од страна на доверителите за вклучување во проектот.
„Во проектот се вклучија буквално сите банки во РМ, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлифиакција, МРТВ две штедилници, Нотарската комора и Комората на извршители. Имавме широк одѕив на субјкети кои имаат побарувања од граѓаните и сакаат да се вклучат во овој проект. Со сите нив во текот на следната недела ќе има постапка потпишување на договорите. Во меѓувреме Министерството за финаснии во соработка со МТСП на 14 август организираше еднодневна обука за вработените во Центрите за социјална работа на кои им беше објаснето како треба да тече постапката и како треба да им пружат помош на граѓаните за поднесувањето на барањата да тече во најдобар ред. Формирана е и комисија која ќе постапува по барањата донесени се потребните подзаконски акти така што создадени се сите услови за почеток и успешна реализација на проектот“ рече Ставрески.
Изрази задоволство од одзивот на фирмите за вклучување во проектот и посочи дека во него се вклучиле сите оние со кои претходно било разговарано, пред проектот да се стави во програмата на Владата и истакна оти на тој начин тие покажале високо ниво на општествена одговорност.
Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.
Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители.
За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, Топлификација ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот кој нема да биде повеќе од 10 отсто од отпишаниот долг.
Извор: МИА