Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,
Ми претставува чест, како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, денес, на Денот на Армијата да ве поздравам во градот под Самоиловата тврдина.
Пред 1000 години од оваа тврдина беше симнато знамето на слободата.
Со тоа започна милениум исполнет со непокор и борба за слобода. Векови исполнети со херојски обиди одново да се подигне бајракот и да се достигне слободата. Во секој век минат под туѓи власти, Македонија даде храбри луѓе, ајдути и востаници, комити и партизани, сите до еден, родољуби.
На 18 август 1943 година, недалеку од тука, на падините на Славеј Планина, борците од НОБ ги збија редовите во првиот баталјон „Мирче Ацев”, и собраа сила за последната битка за Македонија.
Битка во која народноослободителната војска на Македонија се избори за слободна, независна и суверена македонска држава.
Пред 70 години, на АСНОМ, повторно беше подигнато знамето на слободата.
Почитувани присутни,
Слободата и независноста не ни се подарени. За нив се изборија илинденците и АСНОМ-ците, кои оставија завет, но и достојни продолжувачи на нивното дело – а тоа сте вие, припадниците на Армијата на Република Македонија.
Денес се потсетуваме на заветот што нè поврзува и нè обврзува.
А тоа е дека Армијата постои за да ја чува нашата слобода, територијален интегритет и суверенитет.
Армијата постои за нашите најмили да не се плашат од ужасите на војната.
Армијата постои за нашите деца да имаат безгрижно детство.
Армијата постои за да го чува македонскиот модел на соживот.
Армијата постои за македонското стопанство да се развива и да напредува.
Армијата на Република Македонија бескомпромисно го извршува својот дел од заветот. Затоа, македонските граѓани имаат најголема доверба токму во Армијата. Доверба што се стекнува со патриотизам, посветеност и професионалност.
Како што вооружените сили имаат уставна обврска да го штитат територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, така и сите ние имаме обврска да им обезбедиме подобри услови на оние што нè чуваат нас и нашите деца. Зад нас оставаме многу резултати, но пред нас има уште многу работа.
Продолжуваме со одржување на реформската кондиција. Очекувам да се имплементира новата организациско-формациска структура на Армијата на Република Македонија.
Остануваме посветени на остварување на нашата стратегиска цел – полноправно членство на Република Македонија во НАТО. Членство што одамна го заслуживме.
Партнерството и пријателството се најсилни меѓу рамноправните. Република Македонија е рамноправна со должностите и одговорностите. Но, бараме да ни се овозможи да бидеме рамноправни и според правата и привилегиите, за посилно НАТО, за побезбеден свет.
Ценети присутни,
Денес, благодарение на Армијата, мирот и безбедноста се наше секојдневие. Живееме, работиме, твориме, се надградуваме и напредуваме благодарение на храбрите синови и ќерки во униформа што ни го чуваат мирот и ни ја гарантираат безбедноста. Секојдневие кое сè уште е недофатлив сон за луѓето од многу турбулентни региони во светот, за кои секојдневно слушаме.
Мирот и безбедноста што ги живееме нè обврзуваат да ги споделуваме со другите. Затоа, ќе продолжиме, рамо до рамо со нашите партнери и сојузници да придонесуваме кон побезбеден свет.
Остануваме доследни со ангажманот во мисијата ИСАФ во далечниот Авганистан. Мисија што како држава нè направи меѓународно препознаени и почитувани. Ќе го продолжиме нашето учество и ќе го зголемиме нашиот придонес во мировните мисии предводени од Европската унија и од Обединетите нации.
Армијата на Република Македонија продолжува да биде нашиот влог кон безбедноста, мирот и стабилноста во светот.
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Како претседател на Република Македонија и како ваш врховен командант, ви честитам за сè што постигнавте. Сакам да знаете дека навистина се гордеам за секое признание, секое одликување, секоја пофалба што за вас доаѓа од нашите партнери. Тоа ни дава сигурност дека имаме професионална и одговорна армија, која е гаранција за безбедна иднина на нашите деца.
Очекувам и во натамошниот период со иста динамика, посветеност и упорност да ја оправдувате големата доверба што нашите граѓани, но и нашите партнери ја имаат во вас.
И не заборавајте, вие сте чуварите на знамето на нашата слобода. Знаме што се подигна пред 70 години.
Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!