Во тек е втората фаза на конзервација и ревитализација на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, проект кој е дел од програмата на Министерството за култура за заштита на недвижното културно наследство. Активностите што ги спроведува надлежната установа Завод и музеј Охрид предвидуваат отстранување на нечистотиите, талозите и солите во северниот дел од црквата.
Во рамките на подготвителните активности, минатата година беа реализирани истражувачки работи на фрескоживописот, што подразбираше анализа на малтерите и пигментите од обоениот слој од живописот. Исто така, изработена е комплетна техничка документација со развиени шеми на живописот и приказ на детектираните оштетувања. Врз основа на сиве овие истражувања, изработен е проект за конзервација на фрескоживописот кој е од исклучителна важност, особено од иконографски аспект.
Третата, завршна фаза од реализацијата на проектот е планирана за 2015 година, кога ќе се финализира конзервацијата на фрескоживописот, со што во целост ќе биде вратен првобитниот колорит и сјај на фрескоансамблот во црквата „Св. Ѓорги“ во Струга.
Храмот посветен на великомаченикот свети Ѓорѓија е лоциран во централното градско подрачје на Струга. Во овој храм се наоѓа и најстарото познато сликарско дело, исцелителната икона со претстава на св. Ѓорѓија во цел раст, насликан фронтално со меч и копје во рацете, која датира од 1267 година.