Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми денеска одржа прес конференција на која информираше за сите активности кои ги презема Министерството за образование и наука за непречено одвивање на воспитно образовната дејност во сите училишта.
Исткна дека новата учебна 2014/2015 година започна успешно и навреме на 1 септември. Исклучок се само неколку училишта каде наставата не започна истиот ден поради реакции на дел од родителите на учениците, генерално заради просторните услови или комбинирањето на паралелки. Министерот упати апел до нив дека се работи на изнаоѓање начин за надминување на состојбата и информираше за активностите кои ги презема министерството за реконструкција и изградба на нови училишта.
„Задоволен сум од подготвителните активности кои предвидоа реконструкција на 33 основни и средни училишта (9 средни, 23 основни и еден државен училишен центар за образование и рехабилитација – Партение Зографски), изградба на 3 целосно нови училишта (едно средно училиште во општина Шуто Оризари и две основни во општина Могила во село Српци и во општина Боговиње во село Синичане), како и изградба на 6 монтажни училишта во рурални средини. Голем дел од активностите се веќе реализирани, а целосно заокружување на акцискиот план очекуваме некаде до крајот на месец септември“, рече Адеми.
Во сите училишта се дистрибуирани учебниците, меѓу кои и новите за предметите математика и природни науки за учениците од прво до трето одделение, кои се изработени од страна на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, а за кои Министерството за образование и наука издвои 148 милиони денари. Направени се и корекции на учебниците од сите други одделенија коишто се пријавени како оштетени.
Адеми информираше дека оваа учебна година во училишните клупи ќе седнат околу 275.000 ученици, од кои 190.000 во основните и 85.000 во средните училишта.
„Велам околу, затоа што уписите во основните и средните училишта продолжуваат и во месец септември по што, во следните неколку денови, откако ќе ги добиеме комплетните податоци од сите општини, министерството ќе излезе со прецизна бројка на вкупен број на ученици во учебната 2014/2015 година. Инаку, според досегашните информации, од вкупниот број на ученици, 20.445 се првооделенчиња, од кои, 13.455 следат настава на македонски, 6.332 на албански, 578 на турски, 38 на српски и 42 на босански наставен јазик. Генералната бројка е помала во однос на минатата година, кога изнесуваше 21.461“, рече Адеми.
На самиот старт на учебната година, училиштата презедоа засилени превентивни мерки против појавата на жолтицата, постапувајќи согласно одлуките на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести. Исто времено, во училиштата ќе се интензивираат и контролите од страна на инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Државниот просветен инспекторат.
Министерството за образование и наука продолжува да биде партнер на сите општини, подеднакво вложувајќи и помагајќи секаде кадешто ќе се појави одредена потреба нешто да се промени и подобри, бидејќи интересот и целта се взаемни – унапредување на севкупниот образовен систем во земјата.