Практична обука на итната медицинска служба, посебни обрасци за предавање и прием на пациент по извршен транспорт, како и олеснето комуницирање меѓу тимот кога се наоѓа во превозното средство и тимот за прием на повиците за итна медицинска помош се новитетите во Правилникот со кој се уредени организацијата и начинот на вршење на работите на итната медицинска помош во Република Македонија.
Ова на прес-конференција го кажа министерот за здравство Никола Тодоров каде појасни дека со овој Правилник се уредени повеќе аспекти на функционирањето на итните медицински служби со цел да се постигне еднаквост и унифицираност во постапувањето на сите итни медицински служби на територијата на Македонија.
„Со Правилникот посебен фокус се става на практичната обука на итната медицинска служба. Секој тим од доктори, медицински сестри или медицински техничар, почнувајќи од 15 септември ќе одработува двапати во месецот по една смена во ургентниот центар. Идејата ни е вработените во медицинската помош да добијат директна претстава како функционираат колегите од другата страна. Тоа значи дека тимовите од итната медицинска помош од Скопје ќе одработуваат по една смена два пати месечно во Клинички Ургентен Центар или во Ургентниот центар при ГОБ „8 Септември“. За тимовите од другите градови предвидено е да дојдат еднаш во текот на месецот во Скопје, да работат во едниот или во другиот Ургентен центар во Скопје, а еднаш да поминат во некој од ургентните центри во Штип, Битола и Тетово“, истакна Тодоров.
За 15 доктори од 15 градови од Македонија, додаде, ќе биде организирана обука во Измир, Турција. Предвидено е одржување часови со теоретска и практична настава, како и полагање теоретски и практичен дел. Основна обука ќе поминуваат сите ново вработени во службите, а докторите на секои три односно медицинските сестри на секои две години стручно ќе се усовршуваат.
„Исто така, од страна на работна група на доктори од итната медицинска помош за првпат се изработени посебни обрасци за предавање и прием на пациент по извршен транспорт, како и известување за извршена интервенција. Со овој Правилник се уредени и прецизирани обврските на секој член на тимот за Итна медицинска помош, а особено внимание е посветено на начинот на комуницирање меѓу тимот кога се наоѓа во превозното средство и тимот за прием на повиците за итна медицинска помош“, рече Тодоров.
Појасни дека комуникацијата ќе се врши со употреба на „ТЕТРА“ комуникациски систем за што се поставени и инсталирани фиксни терминали во сите служби за итна медицинска помош низ Македонија, како и во ГОБ „8 Септември“ Скопје, клиниките за токсикологија, за детски болести, Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски” и во Ургентениот Центар – ТОАРУ. За сите клинички болници, општи болници, во клиниките за кардиологија, гинекологија и акушерство и неврологија, доделени се рачни тетра станици.
Според директорката на Здравствениот дом – Скопје Татјана Баевска-Вучковиќ Правилникот ќе придонесе за уредување на административните, специфични и стручни работи кои, како што рече, ќе доведат до унапредување на службите, а со цел за доближување до напредните здравствени служби, придржувани по препораките на ЕС.