Во рамки на оперативната акцијата „Гора“ насочена кон спречување на бесправна сеча на шума и бесправна продажба на огревно дрво, изминативе неколку дена на подрачјето на СВР Скопје и СВР Велес во четири одвоени случаи кривично и прекршочно се поднесени пријави против девет лица. За прв пат во досегашната судска пракса за вакво дело во Судот во Скопје на едно од лицата му е изречена и мерка притвор.
Поконкретно во првиот случај до Јавното Обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава против Ј.Ќ.(37) за сторени кривични дела “кражба“ и “фалсификување исправа“, како и против Н.О.(53) и Б.О.(23) за сторено кривично дело “помагање“. Oд страна на Судија во претходна постапка на Ј.Ќ. му беше изречена мерка притвор во траење од осум дена додека на другите две лица им е изречена мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, привремено им се одземени и патните исправи и истите имаат обврска повремено да се јавуваат на надлежен државен орган.
Пријавените се товарат бидејќи истите со цел да извршат бесправна сеча на букови огревни дрва и истата да ја легализираат, до правното лице “Форест Инжинеринг” ДООЕЛ Скопје, поднеле барање за сеча на огревни дрва при што ги приложиле потребните документи меѓу кои и фалсификувано полномошно со цел да прикажат легална сеча на дрва од приватна парцела која е сопственост на членови на семејство на Ј.Ќ. за што наводно од страна на лиценцирано лице им било издадено одобрение за сеча, а пријавените за таа цел уплатиле и 10.500 денари во корист на “Форест Инженеринг”. Неместо тоа пријавените лица исекле 33 метри кубни буково огревно дрво од друга парцела која е во државна сопственост.
Вториот случај е реализиран на патот помеѓу с. Танушевци и с. Арачиново на место викано „Вуксан“, при што кривична пријава е поднесена против Е.С.(27) од Скопје за сторени кривични дела “спречување на службено лице во вршење службено дејствие“ и “кражба“. Пријавениот иако не поседувал одобрение за сеча на дрва, при крајот на минатиот месец бесправно исекол повеќе стебла буково дрво без жиг, односно 3,5 метри кубни.
Во третиот случај на подрачјето на СВР Велес врз основа на посебен план во рамки на оперативна акција “Гора“ извршена е акциска контрола од страна на полициски службеници од Полициско одделение Чашка и Полициска станица Велес, како и службеници на шумската полиција. Притоа на место викано “Црници” атар на с. Степаници и место викано Мукос од Е.А. и Р.В. двајцата од Прилеп одземени се две моторни пили, едно ПМВ марка “лада рива“ кое било натоварено со помало количество огревно дрво, една секира, еден токмак со сечиво и 6 м3 противправно исечени дабови и букови сурови огревни дрва. Во непосредна близина исто така затекнати се уште две лица од Прилеп, Д.Ј. и Ф.Ј. при што од истите одземени се една рачна пила и 5 м3 противправно исечени дабови и букови огревни дрва.
Во последниот случај на подрачјето на м.в. Гробишта атар на с. Бањица, велешко затекнат е Ф.Б. од с. Г.Јаболчиште а со привремен престој во Бањица како бесправно сече сурово габерово дрво.
Инаку од почетокот на оперативната акција “Гора“, насочена кон сузбивање на криминалот поврзан со нелегална сеча на дрва, пустошење шуми и нелегална трговија со дрвна маса, од крајот на јуни годинава до сега запленети се над 1.000 кубни метри огровно дрво, извршени се контроли во 245 легални складови за огревно дрво ширум земјата при што 49 складови се затворени. Исто така, извршена е контрола на 31 правно лице лиценцирани за издавање одобренија за сеча на приватна шума, при што кај 21 субјект биле утврдени неправилности во работењето, а вредноста на досега запленетите огревни дрва е проценета на над 36.000 евра. Во рамки на акцијата досега поднесени се 14 кривични и над 170 прершочни пријави.