Во период од 16-17 септември, делегација на Царинската управа на Република Македонија, присуствуваше на семинар на високо ниво за ревизија на Регионална конвенција за пан-евро-медитерански преференцијални правила на потекло, што се одржува во Катанија – Р.Италија.
Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потекло е составен од мноштво на договори за слободна трговија кои овозможуваат дијагонална кумулација, меѓу земјите од зоната. Во моментов пан-евро-медитеранската кумулациона зона ги вклучува: земјите членки на Европска Унија, ЕФТА – државите (Исланд, Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн), земјите учеснички на Барселона процесот (Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција, Палестина) и Фарски Острови.
Главна цел на семинарот беше претставување на моменталната состојба на пристапување кон Конвенцијата од страна на земјите и укажување на важноста од предлозите за промена на правилата за потекло. Во рамките на семинарот беа разгледани можностите за укинување на забраната за враќање на царинските давачки за репроматеријали без потекло, предлози за промена на правилата за потекло кај индустриските производи, посебно текстилот и текстилните производи, како и предлози за промена на правилата за потекло кај некои земјоделски производи.