Грчки државјани се обиделе да прошверцуваат над 110 илјади евра

Царинските службеници од граничниот премин Дојран спречија обид за нелегално внесување на голема сума девизи во државата.
.
Вчера утро (25.09.2014 г.) за влез во државата се пријави автомобил со грчки регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, во придружба на уште еден патник, исто така грчки државјанин.

На прашање на царинските службеници, лицата изјавиле дека немаат што да пријават за царинска контрола, но при извршениот преглед на личната ташна на патникот пронајдени се 21 чек на различни износи во вкупна вредност од 127.277 евра и 10.100 евра во готово.

Законот за девизно работење предвидува дека нерезиденти можат слободно да внесат девизни средства во противвредност на 10 илјади евра, па според тоа, бидејќи станува збор за две лица, 20 чека во вредност од 17.277 евра и 2.723 евра во готово им се вратени, додека еден чек на 110.000 евра и 7.380 евра во готово се одземени.

Против прекршителите е поведена прекршочна постапка.

Ова е втор случај на заплена на чекови на поголем износ од почетокот на неделава и трет од почетокот на годинава. Пред три дена (23.09.2014 г.) на граничниот премин Меџитлија беше спречен обид за нелегално пренесување на чекови во износ на 175 илјади евра, а во јануари на граничниот премин Богородица кај грчки државјанин беа откриени чекови во износ од 1.444.000 евра.

Покрај чекови, во 45 други случаи спречено е нелегално пренесување на готови пари во противвредност од околу 570 илјади евра, од кои 390.000 евра, 97.300 американски долари, 113.600 швајцарски франци, 13.700 бугарски лева и 28.300 дански круни.

DSC00346 (4)