Вкупно 162 доктори три пати или повеќе од три пати месечно задоцниле подолго од еден час на првиот закажан преглед во денот, покажала анализата на податоците од системот „МојТермин“.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека податоците ќе ги достават до сите директори на јавните здравствени установи со барање во рок од три дена да отпочнат прекршочни постапки за дисциплинска неуредност за секој од докторите.
Во рок од 7 дена, посочи министерот, директорите треба да не информираат дека е поведена постапка и во кој рок постапката ќе биде завршена.
„Од аспект на специјалности, најмногу доцнења има кај докторите од следните специјалности: психијатрија (22 доктори), акушерство и гинекологија (15), интерна медицина (14), офталмологија (14), ортопедија (11), педијатрија (11). Здравствени установи со најмногу доктори кои доцнат се: Општата болница Дебар, каде 28 отсто од докторите задоцниле повеќе од еден час најмалку три пати во септември, Клиниката за неврохирургија со 20 отсто од докторите, Општата болница во Струмица со 19 отсто од докторите кои прегледите ги почнале со задоцнување од најмалку еден час“, рече Тодоров.
Појасни дека специјалист по трансфузиона медицина од Крива Паланка е лидер со бројот на задоцнувања септември. Тој од вкупно 20 дена во амбуланта во септември, задоцнил со преглед повеќе од еден час во 15 дена, односно во 75 отсто од деновите кога е во амбуланта.
Тодоров укажа и на други слични примери: доктор по оториноларингологија во Завод за рехабилитација на слух,говор и глас – Скопје задоцнил во 13 дена кога имал амбулантски прегледи, доктор по спортска медицина во Здравствен дом Кавадарци задоцнил во 13 дена, доктор пнеумофтизиолог во Општата Болница во Куманово задоцнил во 12 дена во амбуланта, а доктор по оториноларингологија на Универзитетската клиника за уво нос и грло задоцнил во 10 дена кога имал амбулантски прегледи.
„Во Градската општа болница „8 Септември“ и Клиничката болница во Тетово, помалку од 5 отсто од докторите задоцниле со прегледување на пациентите според закажаните термини“, потенцира Тодоров.
Со доцнењето на првиот закажан преглед во денот (повеќе од еден час), истакна министерот, автоматски се поместуваат сите останати закажани термини во текот на денот, а тоа негативно се одразува и врз пациентите кои се оставени да чекаат, и врз ефикасноста на работа на докторот.
„Покрај тоа, треба да се има предвид дека пациентите многу често земаат отсуство од работното место за да отидат на закажаниот преглед, така што со доцнењето на докторот може да го надминат ограниченото време. Генерално, оваа појава предизвикува девалвација на системот и токму затоа имаме обврска да преземаме мерки да ја спречиме“, рече Тодоров.
Им укажа на директорите на јавните здравствени установи дека пациентот не може да си ја промени болести, дека на пациентот му е потребен доктор и тој во голема мерка зависи од него.
„Не е помалку значајно да се запрашате и дали поради вакви ситуации може да се случат и немили ситуации и поглеми расправии“, им порача Тодоров на директорите на ЈЗУ.
Во препораката до 162 доктори, министерот појасни дека нема да прифати, нема да дозволи и нема да толерира пациент кој дошол на закажан преглед да стои еден или повеќе часови пред затворена врата на доктор.
Им укажа на пациентите дека доколку се најдат во таква ситуација директно да отидат кај директорот на здравствената установа и да побараат докторот веднаш да биде повикан и укорен.
„Секој директор има законска обврска, но и директна наредба од мене како министер да го сослуша секој пациент или граѓанин кој сака да достави поплака, и да мора да постапи по таа поплака. Од денес натаму, јавно се обврзувам да се борам против секоја дополнителна минута чекање на секој еден пациент. Со мојот тим, со секој директор на здравствена установа, но и со секој доктор во јавното здравство, активно и постојано ќе се бориме оваа некоректна појава да се корегира“, посочи Тодоров.
Појасни дека во тој контекст, секој месец најдоцна до 5-ти во месецот на прес-конференција ќе ги објавува овие податоци, ќе ги казнува директорите кои не го исполниле таргетот и ќе бара да бидат казнети докторите кои не го почитувале законот и времето на пациентите.
„Ќе го практикувам ова се додека сум на оваа позиција и се додека оваа појава комплетно не се искорени“, додаде Тодоров.