Општина Охрид со 600 денари ќе субвенционира одредени комунални трошоци на социјално ранливите граѓани на Охрид што тие ги имаат кон јавните претпријатија “Комуналец“, Проаква, Ниско Градба и Градски гробишта. Субвенционирањето ќе биде на месечна основа а лицата кои се заинтересирани за помошта мора да се пријават на претходно распишан оглас од страна на општина Охрид,.
„По донесувањето на оваа одлука општина Охрид ќе објави оглас на кој што оглас по точно утврдени критериуми ќе може да аплицираат сите наши сограѓани кои имаат социјален статус предвиден во рамки на условите. Потоа ќе следи потпишување на договор меѓу општина Охрид и тие лица на кои локалната ќе им ги субвенционира нивните комунални трошоци во висина од шестотини денари кон јавните претпријатија Комуналец, Проаква, Ниско градба а за прв пат ќе се субвенционираат и трошоци за гробарина кон ЈП Градски гробишта“, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Во рамки на социјалната политика на општина Охрид и на основа на јавно објавен оглас и спроведена одредена постапка со одредени критериуми, Локалната настојува да им излезе во пресрет на што е можно поголем број социјално загрозени лица од градов . Во рамки на социјалната програма општината има предвидено и доделување на пакети со храна и дрва за огрев на ранливите категории. Дополнително се внимава на доделување на училишни и студентски стипендии односно дел од нив да се насочени кон социјално загрозените семејства. Одлуката за субвенционирање на дел од комуналните трошоци на социјално ранливите граѓани на Охрид доби зелено светло и од советниците во градскиот совет.