Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на Р,Македонија иминистерот за животна средина на Р. Албанија Лефтер Кока во Корча, Република Албанија, се обратија на инаугурацијата на прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа, кога преставници од Националните Комисии на УНЕСКО им го предадоа Сертификатот за прогласување на Прекуграничниот резерват на преставниците на Билатералниот Комитет и Секретаријат, кои беа носители на активноста. На настанот присуствуваа и заменик премиерот на Република Албанија Нико Пелеши, и преставници на мисиите на Обединетите Нации, УНЕСКО и УНДП градоначалници и директори на Националните паркови.
Истакнувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање уште од самиот почеток стои зад процесот за прогласување на Прекуграничен биосферен резерватОхрид-Преспа, министерот Изаири изјави:
„Ова го направивме заради посветеноста кон овој редок регион, за неговата промоција и развој и секако, за неговата одржливост. Денешнава инаугурација е посебен чин чија вредност ќе се види во иднината, од некоја историска дистанца. И токму поради тој историски аспект сакам да порачам дека културните и природните реткости што ги споделуваме се нашата алка на поврзување, нашиот мотив да бидеме подобри и нашата обврска на регионот да му обезбедиме одржлив развој и бенефит за сите негови граѓани. Во таа насока, екологијата може да биде клучниот поврзувачки фактор и таа шанса мора да ја искористиме. Прекуграничниот Биосферен резерват Охрид Преспа е една од вредностите која денес му ја додаваме на светот од еколошки, социјален и од економско- туристички аспект.
Номинацијата на прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа, кој покрај заштитата на природните вредности и туристичката промоција, ќе придонесе и за промоција на производите кои се произведуваат во регионот, (кои во иднина ќе бидат брендирани и ќе го имаат печатот на резерватот), беше одобрена од Меѓународниот совет на УНЕСКО за програмата „Човек и биосфера“ (МАБ), на 26-тиот состанок одржан во Јончепинг во Шведска, во јуни годинава, кога истиот беше прогласен за 14. по ред Прекуграничен Биосферен резерват во светот.“- истакна министерот Изаири.