Ќе се реконструира и доградува малото пристаните кое се наоѓа пред хотел Палас во центарот на Охрид. За таа цел Општината вчера објави оглас за пројавување интерес за изградба на пристаништето.
Охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески посочи дека најверојатно ќе се работи онака како што беше предвидено во идејното решение.
„Значи покрај реконструкција на постоечкиот мост до малото пристаниште би требало да се изгради еден функционален објект кој што ќе им овозможи на граѓаните на Охрид да ги вратат своите спомени од минатото со изведба на едно градско капалиште или градска плажа. Веројатно ќе има и комерцијални и угостителски објекти и содржини кои можеби со основниот проект ќе бидат дополнително предвидени. Она што е најважно е дека ние по секоја цена ќе тргнеме во активност за реализација на овој проект, затоа што на сегашното пристаните повеќе од неопходно му е потребна реконструкција“, посочи градоначалникот Бакрачески.
„Во овој момент имаме изработено само идејно решение што значи дека со изработката на основниот проект ќе ги знаеме сите детали околу површината и намената на таа површина која е предвидена за реконструкција и изградба на едно вакво мало пристаниште,“ додаде Бакрачески.
Огласот за изработка на идејно решение за реконструкција и санација на малото пристаниште кое се наоѓа пред хотелот Палас, Општината Охрид го објави минатата година. На тој оглас се јави една компанија која што изработи исклучително задоволително решение за реконструкција и надградба на тоа пристаниште.
Со реконструкцијата и санацијата на пристаништето , Локалната самоуправа настојува што побрзо да го претвори во место кое што ќе биде култно и кое што ќе претставува една о д атракциите на градот Охрид.