Во текот на изминатава недела во Охрид беше организиран Младински камп на тема „Светското наследство во рацете на младите“ на кој учествуваа вкупно 90 средношколци од Македонија и Албанија. Во рамки кампот учесниците имаа можност да се запознаат со вештините за изработка на филигран, копаничарството, народната музика, сликање, правење кошници и други стари занаети кои се дел од богатото културно наследство во регионот.
Кампот е завршна активност на прекуграничен проект чија главна цел е средношколците од Албанија и Македонија да научат да ги ценат различностите и да го заштитуваат светското и националното културно и природно наследство, а професорите да се спремни за да ја зајакнат меѓукултурната соработка и разбирање помеѓу учениците.
Проектот ќе има влијание врз двете вклучени страни, поточно во Регионот на Корча во Албанија и во Југозападниот и Полошкиот регион во Македонија.
Посебни цели на проектот се да се воспостави и поддржи заедничка акција меѓу Македонија и Албанија при имплементација на Образовната програма за светско наследство на УНЕСКО во избраните училишта, со активности базирани на Прирачникот за наставници – „Светското наследство во рацете на младите“.
„Локалната агенција за развој“ од Струга и „Уне, груаја“ од Поградец, Албанија се водечки партнери во проектот, а останати чинители се „Среќен Живот“ од Тетово, УНЕСКО-Проектната Канцеларија од Скопје и УНЕСКО-Канцеларијата од Венеција, Министерство за Образование и Наука и Работничките Универзитети во Македонија и Албанија, општини и средни училишта.