Велика Британија може да го користи средновековниот закон кој датира од 1351 година и да ги осуди за предавство своите државјани кои одат да се борат за Исламската држава во Ирак и Сирија, рече британскиот министер за надворешни работи, Филип Хамонд.
Премиерот Дејвид Камерон предупреди дека Исламската држава, чии борци запленија големи области во Сирија и Ирак, претставуваат сериозна закана за Велика Британија, додека полицијата и разузнавачите велат дека забележан е пораст на потенцијално смртоносните закани.
Безбедносни претставници велат дека околу 500 Британци, во голема мера со муслиманско потекло, се борат во Ирак и Сирија, иако вистинската бројка може да биде многу поголема и безбедносни претставници се загрижени дека оние кои се враќаат можат да извршат напад врз Британија.
Хамонд изјави дека секој британски граѓанин, кој ќе положи свечена заклетва кон т.н. Исламската држава може да стори кривично дело Предавство под актот од 1351, кој беше донесен за време на владеењето на англискиот крал Едвард III.
„Видовме луѓе како изјавуваат дека се заколнале за верност кон т.н. Исламска држава. Тоа го поставува прашањето за нивната лојалност и верност кон оваа земја и за кривичното дело за предавство.“ – изјави Хамонд пред парламентот, додавајќи дека тој ќе го достави ова прашање и до Министерот за внатрешни работи.
Смртната казна во Велика Британија беше укината во 1998 година, додека пак максималната казна за предавство е доживотен затвор.