Од наредната учебна година, учениците од четврто, петто и шесто одделение ќе учат по Кембриџ наставната програма. Договорот за продолжување на соработка со Меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ, беше потпишан денеска во присуство на министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, заменик директорот на Бирото за развој на образованието Ајше Селмани и генералниот директор на Меѓународниот центар Кембриџ, Мајкл О’Саливан. Во оваа прилика Адеми истакна дека Македонија е единствената земја во регионот во која децата учат по Кембриџ програмата.
„Република Македонија е единствената земја во регионот којшто го воведува Кембриџ образовниот систем. Се работи за најсовремени наставни програми и учебници кои содржат нов интегративен концепт за изучување на предметите преку поголемо научно истражување од страна на наставниците и учениците што, пак, ја развива довербата и критичкото мислење кај учениците“, рече Адеми.
90 проценти од наставниците кои ја поминале обуката по новите наставни програми, истата би ја препорачале на своите колеги, истакна Мајкл О‘Саливен.
„Тоа е многу важен индикатор за успехот на овие промени. Она што го видовме при посетата на училиштата во Македонија не направи полни со доверба и оптимизам за иднината на спроведувањето на оваа нова програма. Видовме наставници полни со ентузијазам кои подучуваат на нов начин и видовме деца кои исто така беа полни со ентузијазам учеа на нов начин“, рече О‘Саливен.
Договорот меѓу другото, опфаќа испорака на наставните програми по кои ќе се изработуваат учебниците по математика и природни науки, како и обуки за наставниците.