Стефаноски: Придонесот на регионот кон безбедноста и стабилноста е значаен и високо вреднуван

Државниот секретар на Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, денес и утре учествува на 3. Форум за Безбедност кој се одржува во Софија, Република Бугарија во организација на Софискиот безбедносен форум и Бугарската академијата на науките.

На денешниот панел посветен на темата „Регионална безбедност – предизвици на Балканот и поширокото Црноморско подрачје“ свое обраќање имаше и државниот секретар Стефаноски при што истакна:

„Придонесот на земјите од овој дел на Европа во унапредувањето на безбедноста, стабилноста и мирот е навистина значаен и високо вреднуван. На регионалната соработка помеѓу земјите се гледа како на значаен предуслов за подобрување на регионалната безбедност, стабилност и економски раст. Дополнителен стимул за јакнење на безбедноста претставува решавањето на отворените билатерални и внатрешни прашања преку меѓусебен дијалог и разбирање“.

Државниот секретар Стефаноски, во рамките на своето обраќање порача дека Република Македонија ќе продолжи кон патот на спроведување на реформите, не само во одбраната туку и во останатите области, вклучително и со континуиран придонес во меѓународните мировни операции. Посочувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат Балканот и Црноморскиот регион, Стефаноски ги истакна и значајните чекори кои Република Македонија ги превзема за да одговори на предизвиците кои овозможуваат исполнување на условите за членство во НАТО и зајакнување на безбедноста во регионот. Членството во НАТО и во ЕУ, напомна државниот секретар, ќе преставува сериозен исчекор во јакнењето на долгорочна стабилност и безбедност, не само на балканскиот регионот туку и на европскиот континент.

Меѓутоа, најголемиот предизвик кој ќе помогне да се обезбедат стабилноста и безбедноста на долг рок, е да се одговори на прашањето кога Македонија и останатите земји од Југоисточна Европа ќе станат дел од европските и евроатлантските структури. НАТО има незавршена работа во регионот, а тоа е прием на сите земји аспиранти кои ги исполнуваат критериумите за членство. – истакна Стефаноски.
На маргините на форумот Државниот секретар, Стефаноски се сретна со новиот министер за одбрана на Република Бугарија, Николај Ненчев.

На 7-те панели на форумот учествуваат високи претставници на Владата на Република Бугарија, како и претставници на Бугарската академија на науките, Обединетите Нации, НАТО, Европскиот Парламент, голем број професори и претставници на академската фела.