Хрвати ги скенираа предвидените локации за градската марина

Во посета на Охрид, денес, беа претставници на две големи компании од Република Хрватска кои што се занимаваат со изградба на марини. Станува збор за две реномирани компании во чие резиме стои изградбата на неколку марини во Хрватска, во Јадранското море. Тие денес остварија средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и капетанот на Капетанијата од Охрид, Горан Устијаноски. Градоначалникот ја потенцира потребата од Градска марина и ја потврди цврстата заложба на Локалната самоуправа за реализација на ваквиот проект.

Она што е еден од приоритетите за збогатување на туристичката понуда во Охрид и она што е потреба и на граѓаните и на гостите кои што престојуваат во Охрид, а поседуваат пловни објекти е реализација на проектот за изградба на една Градска марина“, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

По презентирањето на начините и можностите за финансирање на Градската марина, од страна на градоначалникот Бакрачески, хрватските гости заедно со градоначалникот и претставници од Капетанија се упатија кон разгледување на просторните можностите што ги нуди Охридското езеро. Обиколката се одвиваше околу оние локации што се зацртани како можни за таа намена, односно Малото пристаниште и потегот од каналот „Студенчишта“ до хотелот „Парк“ кој е предвиден за изградба на градската марина. Гостите од Хрватска заедно со експертите од таа област, во обиколката со брод околу овие локации, го разгледуваа езерското тло. Стручните лица од Капетанија ги информираа за претежна брзина и правецот на ветровите како и за јачината на брановите. Исто така беа информирани и за можноста за инвестирање во реконструкција и изградба на Малото пристаниште, односно беа запознаени со распишаниот оглас за реконструкција и изградба на Малото пристаниште.

Marina_4852

„Во наредниов период ни претстои сериозен процес на подготовка на идејно решение за изградба на Градската марина кое ќе биде изработено во консултација на експерти од оваа област по што ќе можеме да пристапиме кон реализација на оваа идеја и заложба“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

Претходно беше изработено идејно решение за реконструкција и изградба на Малото пристаниште, за кое веќе постои интерес кај неколку субјекти за реконструкција и изградба на истото.

Marina_4853