„Почнувајќи од денес па во наредните 16 дена на активизам за спречување на насилството врз жени и девојчиња, колку што е предвидено да трае оваа глобална кампања, односно до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, и ние како индивидуи но и како општество, јасно и недвосмислено уште еднаш ќе го демонстрираме нашето “НЕ“ на насилството врз жените“.
Ова меѓу другото го истакна министеркатаза внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање во Средното економско училиште “Васил Антевски Дрен“ во Скопје, по повод промоцијата на националната кампања, а во рамки на глобалните 16 дена активизам – “Orange your Neighbourhood“, посветени на Меѓународниот ден на спречување на насиството врз жените.
Министерката Јанкулоска потенцираше дека во изминативе години МВР и другите релевантни институции од една и граѓанскиот сектор од друга страна успеаа да направат крупен исчекор во подигнувањето на свеста за овој реален проблем со насилството, особено семејното насилство коешто во најголема мера е токму “медиумот“ каде што жените најчесто се жртви по разни основи.
Јанкулоска исто така презентираше дел од статистичките податоци на МВР по однос на овој проблем при што нагласи дека во текот на деветте месеци од оваа година евидентирани се 635 кривични дела сторени при семејно насилство, односно 25 отсто повеќе од истиот период лани кога биле регистрирани 507 кривични дела. Во нив најголемиот дел или речиси две третини се кривични дела “телесна повреда“. Извршители во 90 отсто од делата се припадници на машкиот пол, а жртви во речиси идентичен процент се жените (мајки, сопруги, ќерки…). Кај евидентираните прекршоци пак, според Јанкулоска има намалување за 10 проценти – односно за деветте месеци од годинава евидентирани се 257 прекршоци во споредба со 288 лани, а дури 95 проценти од прекршителите се мажи. Заокружувајќи ја статистиката Јанкулоска потенцираше дека бројот на поплаки за семејно насилство за девете месеци годинава е над 3.200 што е зголемување од над 36 проценти во споредба со истиот период минатата година. А, најголем број од поплаките се поради психичко малтретирање на жртвата (над 2.500) потоа следат оние за физичко малтретирање и на крајот поплаки за малтретирање на жртвата од економски побуди.
„Без сеопфатна и не само системска туку – поширока и постојана граѓанска и јавна партиципација, не е можно успешно спротивставување и анулирање ниту на семејното насилство ниту генерално на насилството и неговите, без исклучок секогаш трауматични и болни последици“, истакна на крајот министерката Јанкулоска.