Министерството за образование и наука, УСАИД и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ денеска потпишаа Меморандум за разбирање за спроведување на проектот „Со читање до лидерство“, за основни вештини по мајчин јазик и математика кај учениците од почетните одделенија во Македонија.
„Проектот ќе се реализира во сите региони во Македонија и има за цел да ги идентификува слабостите, а понатаму да гради индикатори за читање по мајчин јазик и разбирање на темите, а исто така и на вештините по математика“, изјави министерот Адеми по потпишување на Меморандумот.
Проектот досега е реализиран во 40 училишта и има индикатори како учениците читаат и разбираат на мајчин јазик и како ги решаваат проблемите по математика.
Идејата е проектот да се развива во сите региони во Македонија во училишта на македонски и на албански наставен јазик.
„Ако ги споредуваме досегашните резултати со резултатите од ученици во Америка, во некои делови нашите ученици се послаби, но засега ние немаме национални индикатори за да кажеме каде се послаби. Проектот предвидува вклучување и на педагозите и на учителите, но и на родителите зашто и домашната средина има големо влијание во навиките за читање“, додаде Адеми.
Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн рече дека УСАИД партнерски ќе соработува со МОН и со основните училишта во земјава со цел да се соберат податоци за постигнувањата на учениците од почетните одделенија.
„Овие податоци ќе ни помогнат да донесеме издржани одлуки за идни реформи во образованието кои би придонеле за подобар успех на учениците. Планирани се и обуки за наставниот кадар за нови стратегии за подучување мајчин јазик и математика, создавање заедници за учење за наставниците, поголема вклученост на родителите во работата на училиштата, подготовка на нови дигитални активности за учење и сликовници, како и градење култура за читање кај учениците со што ќе се постигне интелектуален раст и задоволство,“ истакна Стајн.