Додека земјите-кандидати за членство во ЕУ учат дека владеење на правото, принципите и другите работи важат многу во европските кругови, сепак, научивме дека најзначајна е позицијата на сила што Република Македонија најсилно ја чувствува врз себе.
Ова денеска го поентираше министерот за надворешни работи Никола Попоски на конференцијата “Заживување на Балканот: Нов почеток на закочените политики”, што во Брисел ја организираа невладината “Пријатели на Европа” и фондацијата “Конрад Аденауер”.
Попоски учествуваше на дебатата за економски развој на Западниот Балкан, насловена: “Дали чашата сега е полуполна”, каде исто така, посочи дека Македонија, во однос на економските реформи, има подобри резултати и од поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ и затоа со заодовлство ги очекува оценките од Европската комисија со воведувањето на Економски семестар и за земјите-кандидати.
„Во однос на фокусот на економијата, за нас во Македонија, ние гледаме дека чашата е половина полна оти Бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител на Западниот Балкан е половина од просекот на земјите-членки на ЕУ и тоа е важно да се посочи и да се достигне. Сепак, вработеноста, што е важно, оди нагоре и во тој поглед се подобрува ситуацијата. Во однос економскиот раст, Македонија има раст што е поголем од некои ЕУ-земји. Значи, наједностанво, изјавата на Јункер дека нема да има проширување во следните пет години го рефлектира мислењето на јавноста во Унијата“, истакна Попоски.
Според македонскиот шеф на дипломатијата, на долги патеки недостасува предвидливоста, а растот е потребен поради перспективата за приклучување кон ЕУ. Предвидливоста според него недостасува оти никој не знае дали по пет години ќе има проширување или не, за што ќе бидат потребни и повеќе напори од ЕУ-институциите и од земјите-членки во овој дел.
Министерот Попоски посочи дека има многу работи што треба да ги одработат кандидатите и на домашен терен. Тоа, според него е владеење на правото, па изградба на инфраструктура, која посочи дека во случај да не се подобри, не може земјите да се надеваат на повисок раст и за истата да се подобри треба да се има пристап до финансирање и во тој случај, секој што сака да позајми пари, мора да знае какви се шансите да ги добие назад. За овие работи да се подобрат, Попоски рече дека треба помалку дијагностицирање, а повеќе да се бараат решенија од страна на политичарите.
„Ние најтешко учиме поради политичката блокада, па затоа мора да ставиме поголем фокус на она што можеме да влијаеме, а тоа се домашните работи, бидејќи не можеме да влијаеме на Европскиот совет. Можеме да влијаеме на регулаторната околина, а тоа Светската банка последните години го вреднува и ја сместува Македонија меѓу топ-пет реформаторите во Европа. Фокусирани сме на привлекување директни инвестиции, да донесеме компании во земјата. Посебно што пристапот до финансирање е пет до седум пати потежок за земја надвор од клубот, отколку за земја во клубот. Ние сме поранливи и ако си во клубот има простор за кој ќе ти помогнат други земји,“ заклучи Попоски.
Кристијан Даниелсон, директор на Генералниот директорат за преговори за проширување на Европската комисија, пак, беше дециден дека не се согласува со оние кои велат дека има застој во процесот на проширување, посочувајќи прогрес во односите со Западен Балкан, со податоците дека Хрватска се приклучи на Унијата, Србија и Црна Гора почнаа преговори и Албанија стана земја-кандидат. Тој гледа интересен развој и во однос на Босна и Херцеговина и заучува дека процесот се движи напред и работи, но дека може да се подобри.
„Во однос на тоа што е направено од земјите-кандидати, важно е да се задржи фокусот во процесот на промени и водечка улога има економијата и како истата ќе се развива. Економското управување, структурните реформи и потенцијалот за економски раст се фундаментални за прогрес кон станување член на ЕУ. Тука се и владеењето на правото, функционалност на судството, борбата со корупција, функционирање на администрацијата и јавниот сектор. Само вака може процесот да напредува. Има прогрес и враќање назад, но, генерално, Западниот Балкан напредува во евроинтеграциите,“ заклучува Даниелсон.
Првиот оперативец за проширување во ЕУ, истакна дека е потребна регионална соработка, па во тој поглед го посочи Берлинскиот Самит и процесот кој започна. Според Даниелсон, има потреба за инфраструктурен развој на Западниот Балкан, процес во кој е убедени дека првпат Комисијата испорачува за земјите зедно да работат.
На забелешката дека полесно им било на оние земји кои порано се приклучија и сега е нефер што е крената пречката за земјите-кандидати, Даниелсон одговори дека интеграцијата во ЕУ напредувала.
„Има објективни причини зошто е потешко. Тогаш, повеќе гледавме на рамката, не на нејзината имплементација. Сега се научени лекциите, па ниту земјите во процесот, ниту ЕУ имаат предност и затоа фокусот е во имплементацијата. Поглавјето 23 за владеење на правото е важно и ова е долг процес за кој треба време,“ заклучи Даниелсон.
Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, истакна дека тој не се согласува дека има назадување на регионалната соработка на Балканот. Во тој поглед го посочи Берлинскиот Самит од август оваа година, каде според него премиерите на шест економии што во жители се како Белгија и Холандија, а економски 60 проценти од Белгија, разбрале дека мора да се гледаат како функционирачки пазар, додека не се дел од ЕУ-пазарот.
Свилановиќ даде две идеи, однсоно прво да се реформира инвестицирачката рамка на Западниот Балкан, за премиерите директно да одлучуваат, при што посочи дека контактирал со македонскиот премиер Никола Груевски, како и со албанскиот Рама, црногорскиот Ѓукановиќ и со српскиот Вучиќ, при што сите му дале јасна порака дека се подготвени да соработуваат и се опседнати со економијата. – Ситуацијата е разурнувачка и економската криза се прелева од ЕУ и сега гледаме подобрување во ЕУ, што дава надеж за економиите во регионот да растат, исткна Свилановиќ.
Како негова втора идеја, генералниот секретар на Советот за регионална соработка го посочи европскиот семестер, што додаде дека резултира со тоа во март идната година да оствари средба со претставници на земјите од Западен Балкан за да се усогласат патните коридори.
„Ако успееме во март да се договориме за приоритетите на коридорите, тогаш имам надеж дека на 27-ми август 2015 година во Виена ќе дискутираме за структурата на договорените приоритети. Затоа, во Виена може да имаме успех за финансирањето и очекуваме Европската унија и Европската комисија да дојдат со бројки дека се подготвени да инвестираат како донатори“, истакна Свилановиќ.
На денешната конференција беше пофалена Македонија поради податокот дека во последните осум години се креирани 8.000 нови работни места во земјата. А, за тоа дали е потребен Маршалов план за регионот во однос на економијата и дали Европската унија треба да инвестира како донатор за инфрастуркрата во регионот, Даниелсон од Еврокомисијата со одговор дека очајно се потребни реформи и затоа ЕК излегува со Европски семестер за земјите-кандидати, во однос на реформите на пазарот на работна сила, банкарските реформи итн.
„Се согласувам дека ни е потребна силна инфраструктура и јасно е дека ни се потребни повеќе фондови, треба да сториме се што можеме за да издвоиме приоритети, но сме лимитирани“, истакна Даниелсон.
Генералниот директор на Директоратот за проширување одби да одговори на прашањето на дописникот на МИА од Брисел за тоа како ЕУ ќе бара економско управување и регионална поврзаност на земјите-кандидати од Западен Балкан, а истите и ќе ги оценува преку Европскиот семестар, додека во исто време, поради политичка блокада од Грција, Македонија е единствената земја од Балканот што е исклучена од една од двете макро-регионални стратегии на Унијата: Јадранско-јонската и Дунавската.
На ова прашање одговорија Свилановиќ и Попоски. Според првиот, реалност е дека земјите-членки одлучуваат за членството во ЕУ и дека Комисијата прави одлична работа, но дека за билатералните прашања земјите сами треба да се договорат. Сепак, во однос на макро-регионите, тој понуди на Дунавската и Јадранско-јонската макро-стратегија, да се овозможи преку Советот за регионална сорбаотка влез на Македонија во стратегијата, со проектите што ќе ги предложи Советот.
Македонскиот шеф на дипломатијата, пак, рече дека да не се биде во една од регионалните стратегии на Унијата има цена, но да не се биде во ЕУ има поголема цена.
„Учиме дека владеење на правото, принципите и другите работи важат многу во европските кругови, но, сепак, најзначајна е позицијата на сила. Тоа ние го искусуваме последните десет години, посебно последните шест години, како што добиваме позитивни препоркаи за почеток на пристапните преговори од страна на ЕК. Би било добро и Македонија да е дел од макро-регионалните стратегии на Унијата, но не можеме против позицијата на сила, која е најсилна, посебно ако земјата-членка на ЕУ ја користи, рече во завршната“ изјави Попоски, со која и беше затворена денешната конференција за Западен Балкан во Брисел.