Намалувањето на нивото на невработеност, кое според последните податоци на Државниот завод за статистика и методологијата за статистика на Еуростат изнесува 27,9 проценти, е резултат на сеопфатен ангажман, реализирање мерки, реформи, привлекување странски инвестиции… Очекуваме дека од квартал на квартал невработеноста се повеќе и повеќе ќе се намалува, оцени денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
„Врвен приоритет на Владата на Република Македонија е намалување на невработеноста и креирање на нови работни места. Преку сет на мерки, проекти и реформи, преку меѓуресорски и мултиресорски пристапи изминатиот период се влијае на создавање на поволна бизнис клима, создавање на поволни можности за формирање на сопствени бизниси, намалување на даноците и воведување на рамна ставка на данок, поттикнување на што е можно поголем број на странски инвеститори да влезат во нашата држава да инвестираат, меѓутоа исто така и континуирано зголемување на вработувања во странските инвестиции, “истакна Спасов одговарајќи на новинарско прашање по учеството на 8-та седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.
Исто така, рече, преку активните мерки и политики за вработување коишто се реализираат преку МТСП и Агенцијата за вработување, се трудиме да ги насочиме кон индивидуален пристап кон секој невработен, да ги подобриме и услугите коишто ги даваат Агенцијата и Министерството.
„Целта е поголема информираност и на работодавачите од приватниот сектор и на невработените лица, реално согледување на бројот на активни баратели на работа и мотивирање на младите луѓе и на сите оние коишто бараат работа да станат активни баратели на работа, и на таков начин да им се зголемат можностите за побрзо и полесно да најдат работа, “ рече Спасов.
Тој додаде дека исто така се прават напори сите оние коишто имаат намалени можности да учествуваат во пазарот на труд под еднакви услови да бидат дообучени и доквалификувани со цел побрзо и полесно повторно да стигнат до работа.
Појасни дека само како резултат на Оперативниот план за вработување, активните мерки и политики во 2014 година опфатот на невработени лица преку овие мерки е над 20.000, а само преку активните мерки се постигнати над 5.400 вработувањ, што како што истакна се пет фабрики од по илјада невработени коишто добиле работа токму со вакви мерки и политики.
Најави дека и во наредниот наредниот период ќе се продолжи со активниот пристап, мерки и актовности со цел намалување на невработеноста.