Од почетокот на месецов директорите на сите јавни здравствени установи од секундарно и терциерно ниво воведоа термини за прием на пациенти/странки кои сакаат да упатат поплака, сугестија или пофалба за работењето на установата, а тоа може да го сторат во директна комуникација со директорот на установата или главната сестра.
Ова денеска на прес-конференција го истакна ресорниот министер Никола Тодоров, кој рече дека причината што ги задолжиле директорите на сите ЈЗУ да воведат приемни термини е поради тоа што поголем дел од пациентите кои упатувале поплаки до Министерството за здравство посочувале токму на неможноста да се обратат директно до одговорните лица во здравствените установи.
„Токму затоа, со најновите измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита кои се во процедура се предвидува законска обврска на здравствените установи, односно на директорите соодветно да постапат по претставките од пациентите. По поднесена претставка директорот задолжително го повикува посочениот здравствен работник на разговор за да се утврди дали се пречекорени одредени овластувањата и доколку се утврди дека има, тогаш директорот поведува дисциплинска постапка“, посочи Тодоров.
Покрај предвидената законска обврска, појасни, Министерството за здравство испрати укажување до здравствените установи, врз основа на кое во секоја клиника, клиничка болница, општа и специјална болница, се одредени по два термина неделно, во времетраење од по 3 часа, од кои во едниот термин приемот на пациенти/странки го врши директорот, а во другиот термин – главната сестра.
„Во секоја од овие установи распоредот на приемни денови и термини е истакнат на видно место (на влезот и на огласна табла), а во наредниот период јавноста ќе биде информирана и преку медиумите за приемните денови во здравствените установи. Идејата е пациентите да знаат точно во кој ден и во кој термин може да се обратат директно до директорот или главната сестра и да им посочат на одреден проблем со кој се соочиле, да дадат предлог или пофалба за работењето на установата“, рече Тодоров.
Наведе примери за вакви термини кои веќе функционираат во некои здравствени установи и тоа: на Клиниката за радиологија секој петок од 14 до 17 часот и секоја сабота од 10 до 13 часот, на Клиниката за кардиологија секој понеделник и среда од 14 до 17 часот, на Клиниката за детски болести секој понеделник и четврток од 10 до 13 часот и на Клиниката за пулмологија и алергологија секој понеделник од 17 до 20 часот и среда од 15 до 18 часот. Вториот термин е за главната сестра.
Потенцира дека на средбите на директорот и главната сестра со пациенти/странки задолжително е предвидено да присуствува и лице од установата кое е одговорно за системот МојТермин (администратор).
„Од воведувањето на приемните денови на почетокот на декември досега во секоја од овие здравствени установи во тие денови се пријавиле по неколку пациенти. Поголем број од нив своите поплаки, предлози или пофалби ги искажувале во усна форма со цел непосредно и директно да добијат одговор. Ова е практика која е воспоставена во голем број здравствени установи во Европа и во светот,“ истакна Тодоров.
Додаде дека според Светската здравствена организација, здравствените системи треба да бидат подготвени да одговорат на очекувањата на луѓето, што во основа значи дека и самиот медицински кадар треба да биде подготвен директно да се соочи да одговори на поплаките и предлозите на граѓаните, а ова особено важи за директорите на здравствените установи.