Се менува сликата за државниот испит по доставувањето на текстот на законот за високо образование и сега добар дел од факултетите го поддржуваат, а добар дел се во фаза на разгледување на соодветниот предлог. Нашата основна замисла е заеднички со универзитетите да продуцираме најдобро решение. Меѓутоа има извесни и делумно политички влијанија на целот овој процес за да се добијат некакви ситни политички поени, изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
„Бевме сведоци на голем број заклучоци коишто беа изнесувани во јавноста како резултат на бројни шпекулации коишто се појавија околу прдлогот за државен испит којшто ние го најавивме, меѓутоа определени структури не сочекаа ние да го доставиме предлогот финално до сите и почнаа да се произнесуваат по истиот дека се против. Откога го доставивме текстот на закон веќе е друга сликата. Веќе имаме ситуација во која што добар дел на факултети го поддржуваат, добар дел се во фаза на разгледување на соодветниот предлог. Искрено ние очекуваме низ една квалитетна расправа која што треба да биде продуктивна, пред се, а не деструктивна, во еден процес во којшто нудиме мерка со која што сакаме да обезбедиме зголемен квалитет на високото образование, да добиеме дискусија која што може да придонесе за подобрување на вкупниот степен на образование и квалитетот на сите нивоа во делот на високото образование,“ рече Ристовски во интервју вечерва за МТВ.
Тој очекува конструктивни забелешки на владиниот предлог, но вели, проблемот е што во овој процес во изминатите неколку денови континуирано се изнесуваат само непродуктивно и деструктивно – не за предлогот на Владата.
„Ние во неколку наврати апелиравме дека нам ни се потребни конструктивни предлози и предлози со коишто ќе ги аргументираме потребите. Ако констатираме сите дека ни е од интерес да го зголемиме квалитетот во високото образование, ние како Влада се осмеливме да понудиме еден предлог којшто е дефиниран по примерот на голем број земји во Европа каде што постои начин на проверка на квалитетот на образованието врз основа на методите коишто си ги утврдила државата. Во конкретниов случај Владата на РМ понуди предлог за државен испит со којшто сакаме да воведеме зголемен квалитет. Ако ни се понуди друга варијација на начин на којшто ние би го потврдиле квалитетот ние со должно внимание ќе го разгледаме. Меѓутоа, да се пристапува деструктивно и регресивно со априори отфрлање на која било идеја која треба да го зголеми квалитетот на образованието за нас тоа не е конструктивна дебата и не се аргументи со кои ние треба да располагаме во моментов“, појаснува Ристовски.
За барањето на студенскиот пленум за средба, тој истакнува дека им се познати барањата, ги анализирале и генерално, вели, нивниот главен аргумент којшто постојано се споменува овие денови од дел од студентите и определени професори е дека се нарушува автономијата.
„Во оваа прилика би сакал да кажам јасно и недвосмислено дека со предлог законот воопшто не се нарушува автономијата на универзитетите. Автономијата на Универзитетот не подразбира негово апсолутно право во целокупното креирање на она што значи јавно добро и јавен интерес за државата. Државните универзитети имаат обврска да креираат доволно квалитетно знаење и во соработка со државата се обидат тоа ниво на знаење да се подигне на ниво на квалитет. Ние во ниту еден момент не споменавме дека ќе ја нарушиме или сакаме да ја нарушиме автономијата на универзитетите,“ дециден е Ристовски.
Според него, неразбирлив е стравот кај академската јавност и кај дел од професорите со оглед дека начинот на којшто е понудено решението за обезбедување квалитет е во нивен интерес.
„Ние кажавме јасно и недвосмислено целиот процес ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација составен од професори од универзитетите во РМ. Прашањата ќе бидат де факто изготувувани од професори што се дел од тие структури, ќе бидат јавни и ќе бидат прашања коишто студентите ќе ги знаат. И според наши очекувања оние што учеле многу едноставно ќе го совладаат полагањето на државниот испит којшто го нудиме да се полага во два дела – еден дел во втора година и еден дел во завршната година од студирањето. Нашата основна замисла е заеднички со универзитетите да продуцираме најдобро решение. Меѓутоа има извесни и делумно политички влијанија на целот овој процес за да се добијат некакви ситни политички поени“, оценува заменик министерот.
Во врска со реформите за Педагошкиот факултет при што се заоструваат критериумите за упис на овој факултет, тој посочува дека изминатите години јавна дискусија во Македонија беше дека дел од учениците со послаб просек на образование се запишуваат на педагошките факултети. Затоа Владата одлучила за една крупна реформа односно комплетно реформирање на системот на педагошките факултети во РМ.
„Поставуваме минимум стандарди кој може да се запише. Согласно нашиот предлог на педагошките факултети ќе може да аплицира само ученик со најмалку четири просек. Тие ќе имат посебни приемни испити за упис на педагошките факултети, потоа ќе треба секоја година да обезбедуваат минимум осум просек со 80 процентна положеност на испитите, а за тоа ќе им следува стипендија во висина од 50 проценти од просечната плата во РМ, што е стимул повеќе за квалитетните и амбициозни ученици да се запишат и најквалитетнтие ученици потоа да станат наставници на следните генерации“, истакнува Ристовски.
Значајна измена, е вели и во петата година воведувањето на новото тело, новата академија за наставници, која што ќе работи врз основа на Програмски совет во којшто ќе членуваат пет професори од најреномираните 50 светски универзитети и со нивна помош ќе се креираат најквалитетни програми за, де факто, тие потенцијални наставници коишто ќе ја завршат академијата веднаш бидат лиценцирани и државата да се заложи за нив да обезбеди работни места.
„За дел од овие студенти коишто ќе продолжат на академијата значајно е да се истакне дека во периодот додека се на академија ќе добиваат полна просечна плата во РМ. Постојниот наставен кадар исто така доброволно доколку сака ќе може да се пријави на академијата. Кои од актуелните наставници ќе се лиценцираат ќе добијат покачување на плата од 3.000 денари. Сметавме дека наставничката функција е круцијална во општеството и затоа отидовме кон појасно регулирање на професијата наставник и на тоа кои се се бенефициите и можностите коишто тој може да ги добие, а на сметка на тоа да го пренесе сиот квалитет на нашите идни генерации,“ подвлекува Ристовски во интервју за националниот радиодифузен сервис МРТ.