Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во месец ноември изврши 16 контроли на 21 организациска единици на Министерството за внатрешни работи во сите Сектори за внатрешни работи. Контроли се спроведни во 15 Полициските станици од општа надлежност, три Полициски станици и полициски одделенија за безбедност на патниот сообраќај и во по едно Одделение за криминалистички работи, Надворешна канцеларија за криминалистички работи и полициско одделение. Извршените контролите се однесуваат на почитување на работното време, согласно дневниот распоред за работа, почитување на одредбите од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, почитување на Наредбата за користење на службени моторни возила, почитување на член 128 став 3 од Законот за внатрешни работи, контрола и увид во извршување на поставените задачи на полициските службеници, согласно Планот за вршење на служба, контрола увид на работните и оперативните евиденции и утврдување на алкохолизираност на полициските службеници.
Во текот на контролите извршено е алкотестирање на 137 полициски службеници, при што кај ниту еден полициски службеник не е утврдено присуство на алкохол во организмот. Во рамките на контролaта беше констатирано дека петмина вработени во НККР Радовиш и еден вработен во ОКР Струмица не го почитувале работното време (задоцниле на работа), а двајца полициски службеници од ПС од ОН Струмица за време на работа се затекнати во угостителски објект. Останатите вработени во другите организациски единици каде се вршени контроли го почитуваа работното време, согласно дневниот распоред за работа и ги извршуваат поставените задачи, согласно Планот за вршење на служба.
Во ПС од ОН Струмица, воочен е недостаток во прегледот на полицајци по служби, кој се наоѓа во дежурната служба каде не се наведени релациите по време и место на секој униформиран полициски службеник, поради што нема увид каде во дадениот момент полицискиот службеник ја извршува работната задача. Во рамки на извршените контроли во ПС од ОН Прилеп и ПС од ОН Ресен утврдено е дека шестмина полициски службеници не носеле службени легитимации, а во ПС од ОН Гостивар полициски службеник не носел лична опрема – формациско оружје и заштитен елек. За направените пропусти СВКПС ги задолжи надлежните раководители на сите 15 вработени да им изречат мерка укажување со предупредување да ги почитуваат правилата и прописите во работењето.
Во контолираните организациски единици, службените моторни возила се користат согласно Наредбата за користење на службените возила, евиденциите уредно се водат, а возилата се управуваат со претходно изготвен налог, освен во ПС од ОН Кратово – СВР Куманово каде се констатирани пропусти во нивното евидентирање и чување.
Во однос на членот 128 став 3 од Законот за внатрешни работи, констатирано е дека одредбите доследно се почитуваат, односно во службените простории не се истакнати партиски симболи или било какви други обележја. Извршен е увид во оперативните и работни евиденции, при што е утврдено дека СВР Струмица во ПС од ОН Струмица и ПС од ОН Радовиш не се водат уредни евиденции за привремено одземените предмети, односно повеќе графи во евиденцијата се празни и не е прикажано каде завршил привремено одземениот предмет. Додека во ПС од ОН Чаир – СВР Скопје е констатирано дека евиденцијата за дневни настани не се ажурира навремено и уредно. Во врска со констатирано неажурно водење на евиденции укажано е на раководителите на ПС од ОН Кратово, ПС од ОН Струмица, ПС од ОН Радовиш и ПС од ОН Чаир, да го подобрат начинот на водење на евиденциите.
Во текот на месец октомври и ноември исто така извршени се и контроли во 47 превозни сообраќајни средства (39 автобуси на ЈСП и меѓуградски и осум моторни возила кои вршат меѓуградски и локален патнички превоз на подрачје на Охрид) со цел откривање на злоупотреби на користење на бесплатен автобуски превоз на лица вработени во МВР. При контролите во два случаи на подрачјето на Скопје откриени се двајца вработени од Министерството за внатрешни работи кои користеле градски автобуски превоз на ЈСП без да платат билет за превоз и тоа во еден случај полициски службеник во цивилна облека пред контролорите на ЈСП, покажал службена легитимација, а во друг случај полициски службеник во униформа се превезувала без да плати билет. Во врска со направените злоупотреби,
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди против полициските службеници изрече задолжителна мерка непосредниот раководител до надлежната комисија за утврдување на дисциплинска одговорност да поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Истовремено, вработени од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, освен со вработени од ЈСП имаа работни средби со претставници и од други сообраќајни претпријатија кои вршат превоз на лица, од кои дел изразија подготвеност зедно со нивни вработени-контролори да бидат спроведени контроли над вработени во МВР по однос на регулирање на обврската за наплата на автобуски превоз.