Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди изминатиот период поднесе три кривични пријави против три лица вработени во Министерство за внатрешни работи за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „малтретирање во вршење на службата“.
Имено, во првиот случај пријава е поденсена против Т.Р.(35) од Струмица, полицискиот службеник – водич на безбедносен реон во ПС од ОН Струмица за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди постапувајќи по поднесена претставка од страна на граѓанин за непреземање мерки од страна на полициски службеник од ПС од ОН Струмица по пријавен кривично правен настан, кражба на две грла добиток, утврдено е дека полицискиот службеник не го евидентирал настанот во Книгата за дневни настани и не презел потребни мерки и активности за расчистување на кражбата со што го сторил и кривичното дело.
Во вториот случај пријава за сторени кривично дело „несовесно работење во службата“ е поднесена против Б.И.(33) од Велес, референт за сообраќајни дозволи во Отсекот за управни работи Велес и Кавадарци. Од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди извршени се проверки по доставена претставка од страна на правно лице за непрофесионално постапување на референтот за сообраќајни дозволи поради што подносителот на претставката имал дополнителни трошоци во износ од околу 6.000 денари. Имено пријавениот одбил да прими документи за регистрација на возило со образложение дека за истото не е одјавена француската дозвола при што од страна на оштетените лица постапката за регистрација на возилото е извршена во Кавадарци каде на шалтерот на Отсекот за управни работи лицата успеале да го регистрираат истото возило со истата документација која претходно не била примена од страна на Б.И.
Во третиот случај пријава за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ е поднесена против М.Ј.(49) полициски службеник – сменоводител во ПС од ОН Делчево во СВР – Штип. До Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди добиена е претставка против лицето М.Ј. дека истиот при преземање на службени дејствија по пријавен настан, нарушување на јавниот ред и мир постапил незаконито, на начин со кој се понижува човечкото достоинство и моралот. Имено приведено лице во ПС од ОН Делчево откако упатил закани кон безбедноста на сменоводителот и неговата фамилија истиот изреволтиран од заканите го турнал приведениот, кој паднал при што од страна на доктор на лицето му е констатирана телесна повреда во пределот на лицето.