Владата за изградба и реконструкција на регионални и локални патишта во 2015 година ќе вложи 132 милиони евра со што ќе го поддржи и растот на економијата, изјави премиерот Никола Груевски.
„Покрај автопатите за коишто во последно време се зборува и експресните патишта за коишто, исто така, во последниот период зборуваме, во следната 2015 година се планираат 132 милиони евра за регионални и локални патишта, градби и реконструкции. Од овие 132 милиони евра, осум милиони евра одат за локални патишта, а останатите 124 милиони евра одат за реконструкции и градби на регионални и магистрални патишта. Тоа ќе значи подобрување на овие патишта, во смисла некои ќе се реконструираат целосно, некои ќе се изградат нови. Ќе значи дополнителен ангажман на градежната оператива, дополнителни вработувања, влијание на растот на економијата, на индустриското производство, на градежништвото така што продолжуваме со едно силно темпо, одговорајаќи на новинарски прашања по промоцијата на 50 нови наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност““– рече Груевски.
Според него, во последните две години фокусот беше на автопатиштата и посочи на трите големи автопатишта, чија изградба е во тек.
„Со новите инвестиции не ги запоставивме и регионалните и локалните патишта каде што, велам, само следната година ќе се инвестираат вкупно 132 милиони евра во градба и реконструкција“, потенцира премиерот Груевски.