Со промоција на книгата „Масони од Македонија до 1990 година“ од Миле Д. Миќуновиќ и отворање на изложбата на слики од Петре Шутиноски започна годинешното издание на Вевчанскиот карневал со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, односно Православната нова година.
Карневалот лани траеше пет дена, а годинава ќе трае шест дена. Се очекува за време на карневалските денови Вевчани да го посетат преку 20.000 гости.
За денес е предвидена промоција на книгата „Токму кај што треба“ од Крсте Шутиноски и изведба на монодрама за Методија Андонов Ченто, додека в недела ќе настапи КУД „Дримкол“.
Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13 јануари. На 12 јануари во 21 часот ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а пред полноќ хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија.
Централниот настан е традиционалната карневалска поворка која ќе започне на 13 јануари околу 14 часот со парада на групите од Горно и Долно маало. Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот. За вечерта во 21 часот е предвидено да се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал по 23 часот ќе ги забавува фолк-пејачката Елена Велевска.
Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.
Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот секоја година го посетуваат голем број гости од Македонија и од странство.