Започнаа активности за расчистување на депонијата кај „Мауцхер“

Општина Охрид заедно со Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, денес започнаа акција за расчистување на депонијата кај „Мауцхер“. На оваа локација општина Охрид од поодамна има предвидено изградба на индустриска зона, каде што локалните бизнис капацитети би се сместиле и би отвориле свои погони во кој охриѓани ќе имаат можност да се вработуваат.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески во изјава за медиумите истакна дека комплетната проектната документација која што беше обврска на Локалната самоуправа е завршена и истата е предадена во Министерството за транспорт и врски за согласност. По редовната процедура во министерството ќе биде добиена согласноста, по што Советот на општина Охрид ќе ја донесе урбанистичко планската документација за оваа локација да прерасне во индустриска зона.

Втор приоритет на Локалната самоуправа претставува расчистувањето на депонијата која со одлука на Советот беше предвидена за времено депонирање исклучиво на градежен шут, но низ годините во оваа депонија е депонирано и ѓубре.

Maucher01

„Минатите локални раководства, особено во ЈП „Охридски комуналец“ , под превезот на „Чист Охрид“, „Помали трошоци“ и слични активности кои што не биле дозволени на ова место депонирале и ѓубре. Па со текот на години прераснала во голема депонија, многу понеуредена, погрда и поопасна од депонијата во „Буково“. Нормално е да се постави прашањето Како овие луѓе планирале да изведат депонија во самото градско подрачје? Непосредно до Охридското езеро и Дали тука затаило вниманието на екологистите во градот и сите овие години се дозволувало одведување на ѓубре на овај локалитет“, – додаде секретарот Спасески кој потенцира дека одведувањето на ѓубрето од оваа депонија во „Буково“ за Локалната самоуправа ќе претставува нова финансиска потешкотија, нов товар, но сепак градоначалникот Бакрачески издаде налог до ЈП „Охридски комуналец“ и до стручните служби за преземање на сите мерки и активности за расчистување на ѓубрето и овозможување на што поскоро започнување со градба на индустриската зона.

Практиката на депонирање ѓубре во „Мауцхер“ е прекината со издавање на налог од страна на градоначалникот Бакрачески веднаш по неговото доаѓање како градоначалник.

„Од она што не информираат стручните служби кои подолго време работат на оваа проблематика, иста ваква депонија имало и во самото „Студенчишкото блато“, а потоа околу 1995 – 1996 година е донесена одлука за отворање на оваа депонија и понатаму со непланско работење и брзоплети решенија се овозможило овде да има се’освен градежен шут“, – рече секретарот Спасески.

Во изминативе две години водена е голема грижа за депонијата „Мауцхер“ и таа освен за претовар на градежен шут не е користена за друго. Ѓубрето кое се прибира целосно се депонира во депонијата „Буково“.