Европската комисија нема никаков интерес да продолжи со давање препораки за почеток на преговорите за Македонија во очекување Грција во еден момент да го тргне ветото во Советот на ЕУ. Новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан со сигурност ќе се обиде да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за МИА запрашан за очекувањата од ангажманот на новиот еврокомесар за добрососедски односи и преговори за проширување Јоханес Хан кој се очекува месецов да ја посети Маједонија.
Тој појаснува дека, она што го има изјавено комесарот Хан соодветствува со тоа што ние го имаме констатирано неколку години наназад дека наметнатата блокада од Грција за формално неотпочнување на преговорите и воедно нерешавање, односно немање никаков фокус на надминување на наметнатиот спор за името, не дава никаков резултат.
„Оваа Комисија тоа го има како стартна позиција, наследена, и веројатно покрај тоа што ќе се обиде да го искористи Пристапниот дијалог на високо ниво како формат за де факто водење на преговори, со сигурност ќе се обиде и да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада, која ни е наметната. Нема никаков интерес Европската комисија да продолжи со давање на препораки и чекање на тоа дека Грција во еден момент ќе го тргне ветото кое го има поставено во Советот. Мислам дека климата која се создаде и поддршката од повеќе земји-членки на ЕУ оди во насока на тоа да му се овозможи на комесарот Хан да води ефективен дијалог со Македонија, кој ќе не приближува до членството, а воедно да создаде клима во која и Грција ќе има помалку причини да бара само изговори зошто да остане да не блокира. Формулата мора да ја променат на еден или на друг начин, за нас клучно ќе биде да се водат преговори за приклучување кон ЕУ и тоа ќе се одвива во текот на 2015 година,“ вели Попоски.
Според него, за нас не е битно тоа што поаѓајки од принципот на солидарност секогаш ќе има определен број земји-членки кои ќе се постават на страна на тоа дека не треба Грција да се остави сама да биде таа која не блокира. Битно е, вели, да се надмине сегашната ситуација во која ниту има напредок во однос на наметнатиот спор, ниту има напредок со отстранување на блокадата, која ни е наметната на Советот, за што вели, три причини се клучни.
„Едната е тоа што сите земји-членки на ЕУ денес се преокупирани со нивните домашни проблеми бидејќи ЕУ е речиси насекаде притисната со економски потешкотии. Вториот фактор во овој правец е што од надвор не делува многу драматично тоа што Грција не блокира. Впрочем, Грција не блокира за отпочнување на преговори шест години, а во текот на тие шест години ние сме редовно помеѓу првите пет економии од аспект на раст или сме земја која остварила најмногу реформи за правење на бизнис според Светска банка. Што значи дека во нивните очи перцепцијата е дека тоа што Грција не блокира не е некоја драма“, смета Попоски.
Третиот фактор, кој исто така, придонесува во овој правец е, вели, тоа што Грција реално е во многу големи проблеми и сите земји-членки на ЕУ имаат или мало ниво на сочувство за тоа што се случува во Грција или се плашат дека таквата драматична ситуација во Грција може негативно да се одрази на целокупната економија на ЕУ.
„Поради овие причини многу е тешко да се смени позицијата која Грција ја има, а таа е многу комотна во рамки на Советот – да не се занимава со спорот за името. Од друга страна, мислам дека во овој период, особено во текот на годината, со оглед на навестувањата кои ги направија во текот на минатата, повеќето клучни одлучувачи во европски кругови имаат дадено до знаење дека не им е сеедно тоа што се прекршува меѓународното право на грбот на случајот на Македонија и неотпочнувањето на преговорите. Особено со оглед на тоа што беше констатирано од Меѓународниот суд на правдата дека тоа е прекршување на меѓународното право и Грција нема право тоа однесување да го повтори,“ оценува шефот на дипломатијата Попоски.
Запрашан дали е потребна промена на платформата за преговори, форматот или динамиката, со оглед дека по долгогодишни преговори со Грција за името, напредок нема, Попоски вели дека најглавно е тоа што Грција која го наметна спорот за името, нема интерес и не се ни обидува да скрие дека нема интерес за надминување на спорот.
„Што значи се враќаме на онаа теза која Самарас во повеќе наврати ја има повторено дека најдобро решение за Грција во однос на спорот за името е да не се решава спорот и што е можно подолг временски период да се одолговлекува, за одолговлекувајќи да се надеваат дека на тој начин можат да направат некаква дестабилизација, проблем или регионални потешкотии. Ова мислам дека не е во интерес ниту на Македонија, ниту на ЕУ. Впрочем ако погледнеме малку подлабоко не е во интерес ни на самата Грција, но е една стратегија која се спроведува во пракса во изминатите неколку години под превез на тоа дека Грција има големи проблеми дома и со изговор дека рамката е воспоставена со Времената спогодба и резолуциите на ОН“, посочува министерот за надворешни работи.
Од друга страна, пак, додава, самите тие се прекршуваат бидејќи со пресудата од Хаг е јасно дека не се почитувани ни тие преземени обврски.
„Во овој момент за нас е значајно прашањето да биде во фокус на оние кои можат да поттикнат поголем интерес, односно поголемите земји во НАТО и ЕУ и каков и да биде исходот од развојот на настаните во Грција да не се изгуби од обѕир дека на Македонија и треба кредибилен напредок со преговори за подготвеност по пет години да можеме да бидеме во некоја финална фаза пред завршување на преговорите и зачленување во ЕУ“, подвллекува министерот Попоски во интервјуто за МИА.