Кривични пријави за шест лица, откриени 18 илегални мигранти

МВР во изминативе денови реализираше четири нови случаи на криумчарење мигранти во кои против шест лица, од кои и двајца грчки државјани, до надлежното ОЈО се поднесени кривични пријави поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело “криумчарење мигранти“. Притоа откриени се 18 илегални мигранти на возраст од 21 до 37 години од кои петмина од Сомалија деветмина од Сирија, тројца од Ирак и една албанска државјанка.

Во првиот случај кривично пријавен В.С. (42) од Гевгелија кому Судија од претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од осум дена. Имено пријавениот во ПМВ марка “Mitsubisni Spacestar“ со скопски регистарски таблички превезувал седум илегални мигранти, пет од Сомалија и двајца од Сирија со намера да ги пренесе кон северната граница, меѓутоа од страна на УПС бил сопрен во близина на село Градец на автопатот Е-75 од Гевгелија кон Скопје.

Во вториот случај кривично се пријавени Х.И. (40) од село Желино и Џ.И. (52) од село Јажинце, тетовско за кои Судија од претходна постапка одреди мерка притвор во траење од по осум дена. Тие двајцата од страна на УПС при ПС “Рогачево“ биле забележени како во близина на месноста викана “Извори“ илегално ја преминуваат државната граница од Р.Косово кон Р.Македонија. Во близина на с.Јажинце, тие биле сопрени и откриено е дека во возилото со кои се превезувале (ПМВ марка “БМВ 530“ со тетовски регистарски таблички) има и уште едно лице Х.А. (18) албанска државјанка, за кој по проверките е констатирано дека имала активна мерка “забрана за влез во РМ”, затоа што таа претходно е приведена на 30.12.2014 година во УО “Кораби” како танчерка. Таа со помош на Џ.И. илегално ја преминала државната граница, а од извршениот преглед врз пријавените и на возилото кај Х.И. биле пронајдени 58.000 денари и 1970 евра.

Во третиот случај кривично се пријавени грчките државјани Г.Е. (47) и Д.Г. (26) за кои исто така Судија од претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по осум дена. Имено тие со две возила ПМВ комбе “опел зафира“ (управувано од Г.Е.) и ПМВ “шкода рапид“ (управувани од Д.Г.) се сопрени од страна на УПС во близина на село Прдејци и при прегледот е констатирано дека во првото возило биле сместени четворица илегални мигранти од Сирија, додека во второто возило тројца државјани на Сирија, кои што од нивна страна биле пречекани во близина на село Мрзенци со намера да бидат пренесени кон северната граница.

И во четвртиот случај кривично е пријавен К.П. (31) од Битола. Тој завчера (17.01.) во 18,40 часот бил сопрен од страна на сообраќајна полиција на излезот од Битола во населбата Горно Оризари и притоа во неговото возило “опел вектра“ откриени се тројца илегални мигранти од Ирак кои за надомест од по 80 евра требало да ги пренесе од Битола до Скопје. Судија од претходна постапка и нему му одреди мерка притвор во траење од осум дена.