Министерството за образование и наука информира дека процесот на екстерната проверка на постигањата на знаењата на учениците е задолжителен и се реализира согласно одредбите од Законот за основното и Законот за средното образование.
Оценките кои учениците ги добиваат од процесот на екстерното тестирање се потврда, односно верификација за стекнатото знаење и се евидентираат во нивните свидетелства. Без овие оценки, свидетелствата се невалидни.
Оттаму, апелираат до сите засегнати ученици да се вклучат во реализацијата на процесот чијашто единствена цел е подигнување на нивните знаења, како и подигнување на објективноста при оценувањето на наставниците, имајќи во предвид дека неоправданото отсуство предизвикува реперкусии врз нивниот просечен успех, врз валидноста на свидетелствата, а тоа пак влијае врз текот на понатамошниот воспитно образовен процес, односно упис и формализација на високото образование.
Истовремено, апелираат и до членовите на Синдикатот за образование, наука и култура, своите активности да ги реализираат на начин преку кој нема да ги злоупотребуваат учениците и нема да предизвикаат негативни последици по однос на текот и исходот од нивниот воспитно образовен процес.
Министерството за образование и наука водејќи се по најдобрите интереси на учениците и работејќи единствено во насока на нивна заштита и реализација, нема да дозволи учениците да бидат злоупотребени од било кои општествени структури и организации, по било кој основ, а најмалку заради реализација на агенди за остварување на лични цели и амбиции.