Во повеќе наврати во 2014 година, при постапка за редовно царинење на нови моторни возила кои при увозно царинење биле пријавени како товарни моторни возила (возила за превоз на стоки – тарифен број 8704), надлежните царински испостави утврдија дека некои возила, наместо како патнички се погрешно тарифирани и пријавени за увозно царинење како товарни. За појаснување, патничките моторни возила (тарифен 8703) при увоз подлежат на 5% царина, 18% ДДВ и акциза во износ кој е предвиден со Законот за акцизи во зависност од вредноста на возилото, додека за увоз на товарни моторни возила, односно возила за превоз на стока ( тарифен број 8704) се наплаќа 5% царина за нови и 15% за употребувани возила, 18% ДДВ, а акциза не се наплаќа согласно Законот за акцизи.
Поради ова, за случаите каде е утврдено погрешно тарифирање изготвени се повеќе записници за утврдување на нова тарифна ознака, при што ваквите возила, согласно нивните карактеристики се распоредени како патнички автомобили и други моторни возила главно конструирани за превоз на лица, вклучувајќи моторни возила за комбиниран превоз на лица и стоки (тарифен број 8703).
По извршената анализа на состојбата, кон крајот на 2014 година, согласно член 90 од Царинскиот закон, Царинската управа спроведе дополнителни контроли кај увозници на нови моторни возила за превоз на стоки, со посебен осврт на тарифното распоредување на возилата во однос на тоа дали се работи за патнички автомобили и други моторни возила главно конструирани за превоз на лица, вклучувајќи моторни возила за комбиниран превоз на лица и стоки од типот „караван“, „комби“, и.т.н. и автомобили за трки или за моторни возила за превоз и возилата со бруто маса што не надминува 5 тони, при што е опфатен период од три години, односно од 01.01.2012 година, во согласност со член 234-a и 235 од Царинскиот закон.
Спроведени се контроли кај 12 увозници на нови моторни возила и тоа на увозот на нови возила за превоз на стоки од тарифен број 8704, со бруто маса што не надминува 5 тони, при што со контролите беа опфатени околу 92% од вкупно увезените 2.427 возила од претходно наведената категорија.
Бројот на сомнителни возила за кои со контролите е утврдено дека неправилно биле распоредени како моторни возила за превоз на стоки со бруто маса што не надминува 5 тон, наместо како патнички автомобили изнесува околу 760.
До овој момент целосно се завршени контролите во три трговски друштва (изготвени и доставени до контролираните лица дефинитивни записници и изготвени предлози за дополнителна наплата), при што во две трговски друштва се констатирани неправилности за 48 возила, по што се изготвени соодветни предлози за дополнителна наплата на акциза и ДДВ во вкупна висина од околу 27.000 евра. За уште три трговски друштва изготвени се дефинитивни записници за кои е во тек постапката за достава на истите по пошта, и по добивање на потврда за прием ке следи изготвување на предлози за дополнителна наплата на акциза и ДДВ. За едно трговско друштво е изготвен претходен записник за кој е во тек постапка за достава до контролираното лице, по што ќе течат роковите за доставување на евентуални забелешки, изготвување на дефинитивен записник и негова достава до контролираното лице. За останатите 5 трговски друштва во тек е изготвувањето на претходните записници за констатираната состојба.
Ориентационо, дополнителната наплата на акциза и ДДВ по едно возило, со акцизна основица од 6.000- 8.500 евра изнесува околу 200-250 евра, а за акцизна основица од 8.500-12.000 евра, изнесува околу 430-450 евра по возило. Најголемиот број на сомнителните возила спаѓаат во овие две категории и вкупната дополнителна наплата (без камати) на акциза и ДДВ ќе изнесува околу 350.000 евра.
Согласно член 216 од Царинскиот закон, обврска за плаќање на увозните давачки има увозникот, а не купувачот на возилото.
Резултатите од пост-контролите ќе имаат одраз на постојните критериуми за селективност и преиспитување на исполнетоста на условите за користење на поедноставени постапки од увозниците.
Царинската управа, согласно своите надлежности постојано врши контрола во сметководствената и комерцијалната документација на трговските друштва увозници на редовна основа. Овие контроли се вршат кај сите увозници и истите ќе продолжат и понатаму. При овие контроли, доколку се воочат неправилности констатирани на записник од извршена контрола, се спроведува постапка за дополнителна наплата на царински долг, односно дополнително евидентирање на долгот. Основ за ваквото постапувње е царинскиот закон, каде е пропишан и рокот за дополнителна наплата.
Постцаринските контроли се редовна активност во сите земји во Европската Унија и светот, и освен контролната функција овој механизам овозможува и забрзување и олеснување на протокот на стоки и услуги преку границите, што е една од фундаменталните задачи на Царинската управа, и истото е од интерес за сите економските оператори.
При распоредување на стоките согласно Царинската тарифа, се применуваат законските основи за распоредување: Закон за Царинска тарифа како и објаснувањата на Коментарот на Хармонизиран систем на Светска царинска организација и Коментарот на Комбинираната номенклатура на Европската унија. Царинската тарифа на Република Македонија е во потполност усогласена со Комбинираната номенклатура на Европската унија и истата се применува при определување на тарифната ознака на стоката. Сите други прописи (Закон за возила, Правилник за единечно одобрување на возило), докази итн. кои се базираат на класификацијата на стока за потребите на тие прописи (на пр. хомологација на возилото) се применливи и прифатливи за потребите за кои се издадени, но немаат правно влијание во распоредувањето на стоката согласно царинската тарифа.
Оттука произлегува, дека при распоредување на моторни возила согласно Царинска тарифа не влијае како предметното возило ќе биде регистрирано и класифицирано во хомологацијата и обратно, распоредувањето на возилото во соодветен тарифен број од Царинската тарифа не претставува пречка за регистрација на возилото како патничко или товарно. Ова дотолку и повеќе што категорија „конструирани за превоз на лица” е категорија која не постои во наведените прописи, туку единствено во Законот за царинска тарифа.
Распоредувањето на комбинираните моторни возила, Царинската управа го врши согласно точно утврдени методи од царинските прописи и при тоа нема никаков проблем во точното утврдување на тарифната ознака, а со тоа и соодветната наплата на царински и други давачки.