Промоција на безготовинското плаќање на царинските испостави

Следејќи ги најмодерните трендови за безготовинско плаќање, а со цел обезбедување на квалитетна и брза услуга за граѓаните, Царинската управа воведува можност за безготовинско плаќање на царинските и други давачки поврзани со царинското работење.

Со воведувањето на оваа можност граѓаните и економските оператори веќе нема да имаат потреба да патуваат до најблискиот град или до најблиската филијала на Македонска Пошта и комерцијалните банки, ниту пак да чекаат на ред пред нивните шалтери за да ги уплатат давачките поврзани со царинско работење (царински и други давачки и административни такси), бидејќи отсега овие услуги ќе ги добиваат на едно место, во царинските испостави каде се спроведуваат царинските формалности.

Царинските давачки можат да се плаќаат со електронските картички Маестро, Мастер Kард, Виза Електрон, Виза, како и картичките за домашна употреба што се издаваат од сите домашни и странски банки.

пос терминали_промоција2 (1)

Проектот за воведување на ПОС терминали на царинските испостави започна во октомври минатата година, кога беше распишан јавен повик за избор на најповолен понудувач за воведување на безготовинско плаќање преку ПОС терминали, на кој беше избрана НЛБ Тутунска Банка АД, бидејќи понуди најниска провизија од 1,7% од вкупната вредност на трансакцијата.

Инаку на територијата на Република Македонија, во 5-те царинарници се инсталирани вкупно 24 ПОС терминали кои им стојат на располагање на граѓаните и тоа по 6 во Царинарница Скопје, Битола и Куманово, 5 во Царинарница Гевгелија и 1 во Царинарница Штип.

Ова е уште една реформа која Царинската управа ја воведе со цел граѓаните и економските оператори полесно и побрзо да ги извршуваат плаќањата, независно од висината на износот што е поголема поволност во однос на претходно воведената можност за плаќање на административните такси (во износ до 250 денари) преку СМС порака преку мобилните телефони.

posterminali