Во зградата на општина Охрид денес се одржа манифестацијата „Спортист на годината за 2014-та година.“ Тринаесетте спортисти добитници на награди и доените на охридскиот спорт на случувањето ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески.
„Сите ние сме победнички тим, сите заедно преку манифестацијата за избор на најуспешен спортист за 2014 година на Охрид, прославуваме за успесите на 13 охриѓани кои со покажаните резултати се искачија на спортскиот пиедестал и станаа наша гордост. Јован, Мартин, Диел, Стефан, повторно Мартин, Владимир, Јана, Анастазија, Иван, Елвис, Марија, и секако спортските доени Димче Стојкоски –Лепиот и највозрасната пливачка Олга Џипунова- Паунчева, се само дел од креаторите на новата но и потсетници на дамнешната охридската спортска историја. Сите тие се наши фудбалери, ракометари, едриличари, пливачи, стрелци и каратисти кои со фер игра, соработка и заедништво станаа горди победници на спортските терени. Како дел од навивачката група “Рибари“, или можеби поистоветувајќи се со Кире Колевски кој има посебни заслуги за поддршка на спортот , сите ние во изминатава година со нашите спортисти заедно трениравме, заедно се натпреварувавме, заедно стигнавме до целта и го победуваме спортскиот ривал,“ посочи Градоначалникот и потсети дека општина Охрид постојано работи на подобрување на условите за спортување во градов.
„Издвојуваната победа не обврзува сите нас максимално да се вложиме и да дадеме придонес во подобрување на условите за спортување во Охрид како и заживување на заборавените спортски игри. Општина Охрид како никогаш досега макотрпно работи и го стимулира развојот на спортот, масовниот и училишен. Се остварија ветувањата , Охрид доби суперлигаш во ракомет , а фудбалерите веќе тренираат на најмодерниот стадион на вештачка трева во Македонија лоциран во рамки на ЈП “Билјанини извори“. Во изминатиот период, ги саниравме наследените штети во повеќе спортски клубови. На спортските екипи им обезбедивме превоз и бесплатни тренинзи во спортската сала, им помогнавме на олимпијката Нина Балабан и светскиот вице -шампион Гоце Мојсоски а организиравме и големи спортски настани. Ги организиравме финалето на Купот во кошарка на Македонија и финалето на Купот во ракомет на кои учествуваа нашите и европски ракометни гордости, екипите на „Вардар“ и „ Металург“, а бевме и домаќини на “Гимназијадата“ на која учествуваа околу 500 ученици.Охрид веќе има 18 спортски игралишта а насочени сме кон изградба на останатите од вкупно 30 игралишта за маалски баскет кои треба да ги добие Охрид. Ново игралиште се изгради во населба Лескајца а во тек е реконструкцијата и изградбата на фудбалско игралиште во Лескоец. И во иднина ќе градиме и ќе создаваме подобри услови за спортување на кои сите ние ќе се радуваме. Трансформирајќи ги самите спортски терени и создавајќи подобри услови за игра успеавме да го трансформираме сфаќањето за спортот кај најмладите, кои масовно присуствуваа на спортските настани кои минатата година се одржаа во Охрид, меѓу кои за најдобар е прогласен “ФЕР ПЛЕЈ КУП 2014“. Посакувајќи му на најуспешниот спортист за 2014 година, велосипедистот Јован Јованоски како и на останатите добитници на признанијата уште многупати да бидат победници на спортските терени ќе посочам дека општина Охрид и понатаму продолжува да го помага спортот со цел да ја промовираме неговата суштина, зближување, поврзување, интегрирање“ – потенцира градоначалникот Бакрачески.
Непосредно пред прогласувањето на најдобрите спортисти се обрати и претседателот на Сојузот на спортови, Коста Карадимче.
„Ги цениме напорите на градоначалникот Бакрачески да овозможи развој на спортската инфраструктура и максимално искористување на постојните спортски терени и објекти од страна на сите заинтересирани спортисти. Во подем се екипните спортови, како ракометот и фудбалот. Нашите ракометари успешно се натпреваруваат во елитното друштво во државава. Во фудбалските клубови и школи се зачленуваат се повеќе млади. Со помош на градоначалникот Никола Бакрачески и нашите пратеници во македонското Собрание би сакал да се создадат услови да се омасоват и спортовите на вода кои традиционално во Охрид биле најуспешни“, истакна Карадимче.
Велосипедистот Јован Јованоски од клубот „Екодром“ е избран за најдобар спортист во Охрид за 2014 година. Покрај него со признанија се закитија и уште 12 други спортисти од градов: ракометарот Иван Тасески, фудбалерот Елвис Бајрам, каратистот Марија Ристевска.
Најперспективни млади спортисти во категоријата фудбал се Мартин Ѓорѓиески, Диел Доко, Стефан Џајкоски.
Најуспешен млад спортист во категоријата кајак е охриѓанецот Владимир Вељаноски, во категоријата едриличарство Јана Гаџовска, во стрелаштво Мартин Гоџоски а најуспешен млад спортист за 2014 е Анастазија Паскали.
Пред присутните денес се обратија и спортските доени од Охрид, пливачката Олга Џипунова –Паунчева и Димче Стојкоски – Лепиот .
„Денешното случување и добиеното признание ме враќа во деновите на мојата младост. Убаво е кога во периодот на сопствената зима се враќаш во својата младост. Нема ништо повозбудливо, поубаво и повредно. Јас сум благодарна, среќна и радосна што не останав заборавена. Овој свечен чин никогаш нема да го заборавам“ , истакна Олга Џипунова -Паунчева која беше наградена за посебни заслуги за презентација на пливачкиот спорт.
Добитникот на признанието за животно дело Димче Стојкоски- Лепиот се заблагодари на општина Охрид и градоначалникот Бакрачески за заложбите во создавање подобри услови за спортување во Охрид.
„Градоначалникот Никола Бакрачески многу допринесува во развојот на спортот во Охрид со градење на спортските капацитети, стадионот со вештачка трева а многу добро е што градов ќе го добие и затворениот пливачки базен. Посакувам младите охриѓани да ги искористат овие можности и поголемиот дел од животот да го посветат на спортување“ рече Димче Стојкоски -Лепиот.
Признание за посебни заслуги за поддршка на спортот доби Кире Колески. За настан на годината беше избран “Фер Плеј Куп 2014“ а за спектакл на годината 25-годишниот јубилеј на навивачката група„Рибари“.
Во рамки на случувањето денеска градоначалникот Бакрачески пригодни подароци им додели на претставниците од Веслачката Федерација на Русија.