Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал заради обезбедување на докази за сторено кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член: 215 и 216 од КЗ на РМ, по наредба на Судија на претходна постапка изврши претреси на дом и други простории на подрачјето на Гостивар, кај лицето Л.Ф.(53) за кого подолго време посотеа основи на сомневање дека е иволвиран во недозволена трговија со хероин и кокаин.
При извршените претреси на местото на настанот затекнати се шест лица како уживаат наркотична дрога, при што истите се лишени од слобода и запленети се околу 20 гр хероин и една автоматска пушка. Исто така пронајдени се поголем број на предмети за кои постои основано соменение дека потекнуваат од кражби и тешки кражби и истите во залог за замена за дрога му биле давани на Л.Ф.
Пријавениот на почетокот на месецов од непознато лице од Гостивар набавил наркотична дрога хeроин со засега неутврдена количина и цена со намера истата во неговиот стан да ја препакува во помали пакувања и да ја препродава по цена од 400 и 500 денари на лица уживатели на наркотична дрога хероин од Гостивар, а со цел да се стекне со противправна имотна корист. По наредба на Судија на претходна постапка од страна на полициски службеници извршени се претреси на дом и други простории во сопственост таткото на пријавениот во Гостивар како и во викенд куќа во с.Форино. Л.Ф. подолго време е инволвиран во недозволена трговија и продажба на хероин на нарко-зависници на кои им продавал и им овозможувал уживање во еден од двата станови кои ги поседувал на горенаведената адреса.
Од извршените претреси на горенаведените локации во викенд куќата во с. Форино пронајдена е една автоматска пушка без дозвола за поседување, одземена од неговиот татко, додека во становите пронајдени се една црна машка чорапа, во чија внатрешност имало: една полиетиленска кеса со непозната прашкаста материја кафеава боја, и исто така во чорапата се пронајдени 118 мали парчиња од најлонски кеси, исечени во форма на кругови, и 15 мали парчиња од најлонски кеси, исечени во форма на квадрати со жолта боја. (истите се користат за пакување на дози од наркотична дрога), еден мобилен телефон, марка Нокиа со две сим картички, и парични средства, една најлонска кеса од цигари со седум паковки со непозната прашкаста материја; и една најлонска кеса исто од цигари со две жолти паковки со непозната прашкаста материја, две нагорени алуминиумски фолии со видливи траги од нагорена непозната материја, една алуминиумска фолија во вид на цевка и една помала алуминиумска фолија во вид на цевка.
Одземените предмети се предадени до Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР на РМ, заради понатамошно вештачење. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за хероин со тежина од 18,6 гр.
Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Гостивар ќе биде поднесена кривична пријава против Л.Ф., поради постоење основи на сомнение дека ги сторил кривичните дела – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член: 215 и 216 од Кривичниот законик на Р. Македонија.
Против лицето и претходно се превземани мерки и активности така што кон крајот на јануари годинава, беа извршени претреси и од страна на ПС Гостивар и на лице место беа исто така затекнати лица уживатели на дрога за што дополнително ќе следи посебна кривична пријава.