Со заедничка работа до решенија за конфликтите во регионот

На 9 и 10 февруари, пратеникот Артан Груби учествуваше на состанокот на Комитетот за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), кој се одржа во Истанбул, Република Турција.

На состанокот се расправаше за времената заштита на бегалците, меѓународната судска соработка за борба против организираниот криминал и, посебно, за можностите за парламентарната соработка во областа на правдата.

Поздравувајќи ја хуманоста и напорите кои ги презема земјата домаќин за заштита на бегалците од Сирија, пратеникот Груби истакна дека сите земји од регионот, во минатото се сочувале со последици од воени судири во нивното соседство, притоа посочувајќи на бранот на бегалци кој ја зафати Република Македонија за време на косовската криза во 1999 година. Оттаму, како лекција од минатото, потребно е сите заеднички да работиме за изнаоѓање на решенија за постоечките, но и за превенирање на потенцијалните конфликти во регионот.

Со финалниот документ кој се усвои на состанокот, се повикиваат сите земји членки на ПСЈИЕ на активно учество во постоечките регионални механизми за соработка во областа на правдата и размена на искуството од областа, а на националните парламенти им се препорачува да креираат инструменти за унапредување на соработката меѓу нивните работните тела задолжени за правните и судските прашања. Исто така, се истакнува поддршка за универзитетите за создавање на регионални капацитети потребни за спроведување на законските реформим, унапредување на научното истражување, како и изготвување на заеднички публикации.

На состанокот во Истанбул учествуваа пратеници од парламентите на Албанија, Бугарија, Косово, Романија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Турција.

Во рамките на ПС на ПСЈИЕ функционираат три постојани комитети: Комитетот за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка; Комитет за економија, инфраструктура и енергија и Комитетот за социјален развој, образование, истражување и наука.

Собранието на Република Македонија е активен учесник и поддржувач на работата на Парламентарно собрание на ПСЈИЕ. Според Деловникот, една од основните цели на Парламентарното собрание е размена на искуството во областа на законодавството и хармонизација со правото на Европската унија.