Од утре, во наредните три дена (18/19/20.02), САД ќе бидат домаќин на самитот на Белата Куќа за борба против насилниот екстремизам (Ministerial Component of White House Countering Violent Extremism Summit) што ќе се одржи во Вашингтон во Стејт Департмент, а по иницијатива на американскиот претседател Барак Обама, на којшто ќе учествуваат високи претставници од 60-тина држави како дел oд антитерористичката коалиција, меѓу кои и министерката за внатрешни работи на Р.Македонија, м-р Гордана Јанкулоска.
Целта на Самитот е да се развие агенда за делување и соочување со феноменот на насилниот екстремизам, преку поврзување на претставниците на националните и локални влади од целиот свет. На Самитот ќе се обратат американскиот претседател Барак Обама, државниот секретар Џон Кери и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун.
Свое обраќање е предвидено да има и Министерот Јанкулоска на тема – “Зацврствување на работата на полицијата во заедница и на односот полиција-заедница од аспект на користење на овој концпет на полициско работење за спречување на ширењето на насилниот екстремизам“.
Утре (18.02) во попладневните часови на покана од Генералниот Секретар на САД г. Џон Ф.Кери, министерката Јанкулоска ќе оствари работен состанок. Целта на состанокот е размена на мислења и дискусија во однос на размената на информации и спроведувањето на одредбите од Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 2178 која се однесува на запирање на протокот на странски џихадисти во Сирија и Ирак и на заканата која тие ја претставуваат за своите земји.
Според Резолуцијата, на земјите потписнички им се наложува да направат измени во Кривичниот законик и да воведат казни за своите државјани кои се борат во странска земја, кои обезбедуваат логистика и финансирање, или пак регрутираат идни членови на терористички организации.
Инаку, Република Македонија веќе усвои измени на Кривичниот законик кои одат во оваа насока, односно го криминализираше учеството во странска војска, паравојска, полиција, параполиција и други видови вооружени групи кое се казнува со казна затвор со времетраење од четири години. Воедно, воведена е и казна за организирање и финансирање на ова дело со најмаклку 5 години казна затвор.
На маргините на Самитот во Стејт Департментот предвидени се повеќе билатерални средби меѓу кои и со високи претставници на Меѓународното Биро за наркотици и спроведување на законот.